1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Откриена исчезната населба на Маите

Научниците во мексиканската прашума открија населба на Маите, која била исчезната околу илјада години. Хактун, црвен камен, така археолозите го нарекоа откритието, кое треба да донесе нови сознанија за Маите.

Прашумата на полуостровот Јукатан е густа. Овде археолозите го најдоа она што го бараа: еден заборавен град на Маите, некогаш голем колку педесет фудбалски игралишта. Меѓу дрвјата се наоѓаат остатоци од ѕидови со архитектонски украси. Градот го откри словенечкиот археолог Иван Спрајц со неговиот мексикански колега. Тој вели: „Има повеќе пирамиди, освен тоа има и долги градби, слични на палати. Моментно ништо не можеме да кажеме, дали се работи за резиденции на елити или за административни згради. Се наоѓаме на почеток“.

Високо развиен календар, математика и писмо

Хактун, црвен камен, вака го нарекоа археолозите го нарекоа новооткриениот град. Таа се однесува на пронајден ракопис. Хактун пред 1400 години бил во процут и се развил во регионален центар на народот на Маите. Неговата високоразвиена култура давала печат на јужниот дел на Мексико и на северниот дел од Централна Америка се‘ до десеттиот век. Маите се познати пред се‘ по својот календар, по високоразвиената математика и по писмото.

Но, пред околу илјада години Маите ги напуштиле своите градови, можеби поради војни, но и поради тоа што односот меѓу луѓето и природата преминал во нерамнотежа. Научниците спорат околу ова.

Град од крајот на културата на Маите

Хактун бил еден од овие градови на доцната класика, значи крајната фаза на културата на Маите. Типични се локациите за игри со топка. Многу места во него биле математички поставени, вели археологот Октавио Еспарза: „Заклучивме дека основната структура на овие споменици се однесува на крајот на некој период, што е вообичаено и за други градови на Маите“, вели Еспарза.

„Тоа се места кои се подигани секои 20 години, тоа било важно за водачите на Маите и се славело церемонијално“.

Откритието на Хактун не е случајност. Археолозите со години систематски пребаруваат во Јукатан, користејќи и снимки од воздух. Така од 1996 година се повторно откриени 80 градови и населби.