1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Откачено, но генијално

Во Бон е во тек голема ретроспектива на италијанскиот сликар Амедео Модиљани (1884-1920), кој сликаше главно женски портрети и актови. Разговор со раководителката на проектот, Сузане Клајне за неговиот израз и значење.

default

Модиљани:женски ликови-негова опсесија

Зошто оваа изложба на Модиљани е прва по цели 20 години во Германија, дали тој беше запоставен?

Клајне: Не, темата Модиљани може да биде деликатна, но не е запоставена. Мислам дека тоа има врска со нешто друго. Познато е дека делата на Модиљани се копирани уште во времето на неговиот живот.

Значи, секогаш постои извесна скепса, дали нешто е негово оригинално дело или копија?

Не, во никој случај. Се разбира, ние грижливо истражувавме од каде доаѓа секое дело. Но, постојат две, три слики на изложбата, за кои не е стопроцентно утврдено дали се оригинали.

Модиљани на изложбата е означен за мит. Зошто?

Мислам дека митовите се составени од различни детали. Тој умре доста рано, водеше распусен живот, беше болен, се оддаде на алкохол и дрога. Потоа следеше трагичната смрт на неговата живота сопатничка Жан Ибутерн, која еден ден по неговата смрт, бремена во деветти месец, се фрли од прозорец. Сите овие приказни се податливи за создавање легенда и го ставаат во редот на другите уметници-великани, како на пример Џемс Дин, кој исто така умре рано.

Amedeo Modigliani

Амедео Модиљани

-

Дали затоа животот на Модиљани беше трипати филмуван?

Сигурно. Филмовите се прекрасни, но се разбира целосно погрешни, и ги исполнуваат сите замисливи клишеа. Има и други големи уметници во тоа време, но тие воделе релативно нормален живот и затоа не беа интересни.

Што ја прави личноста на Модиљани?

Јас не сум психолог, но јасно е дека Модиљани имаше многу издвоена позиција во време полно со општествени пресврти, во времето на Првата светска војна. Во овој период и уметничко-историски се случија многу работи, сетете се на фовизмот и кубизмот. Се развија и созреаја многу струења. Во овој турбулентен свет Модиљани одеше многу тивко и јасно по својот пат. Тој се концентрираше апсолутно на редукција на формалното. Можам да речам дека тој со своето сликарство се обиде да постигне порамнување. Тој беше оддаден исклучиво на јасните, дофатливи форми. Со тоа веројатно се обидуваше да постигне противтежа на турбулентниот и растргнат живот.

Amedeo Modigliani Mädchen in schwarzer Schürze

Девојчето со црна престилка

Дали со зборови може да се објасни личниот стил на Модиљани ?

На почетокот неговото сликарство е сосема класично, се ориентирал на примери како Сезан. Потоа се свртил кон каријатидите, статуи во храмовите, кои се карактеристични за неговата работа. Преку судир со јазикот на формите на тие статуи, тој започнал уште во 1915 година да формира свој сопствен израз на формите. На крајот од неговиот живот во неговите дела се појавуваат долгите вратови, шематизирани очи, носови, уста. Се‘ е редуцирано на многу јасна, едноставна форма на израз.

А како започнал да ги слика луѓето токму такви?

Тој бил добар студент, се соочувал со изминатите епохи, го воодушевувало ренесансното сликарство. Ако ги погледнете делата на Ботичели, или ги погледнете сликите на Дева Марија, ќе го видите исто така овој феномен на долги вратови, ова стремење кон божественото. Тоа се елементи кои го фасцинирале. Модиљани не ги презел, туку ги трансформирал.

Автор: Гинтер Биркеншток/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска