1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Отказите на новинарите на „Утрински весник“ се неосновани

Државниот инспекторат за труд оцени дека отказите за петте новинари на „Утрински весник“ се без основа и наложи тие да бидат вратени на работа. Поддршка за новинарите од ЗНМ и од новинарскиот синдикат

default

Отказите на вработените новинари во „Утрински весник“ се неосновани и не се во согласност со Законот за работни односи, вели наодот на Државниот инспекторат за труд. Трудовиот инспекторат постапил по барање на вработените од „Утрински весник“ кои добија откази без отказен рок. Работодавачот, Медиа Принт Македонија, по одлуката на Државниот инспекторат за труд има право на приговор на одлуката, а потоа мора да ги врати новинарите на работа.

Од Независниот Синдикат на новинарите и ЗНМ ја поздравија одлуката на трудовиот инспекторат. Тие порачаа дека ова е големо охрабрување за новинарската фела дека не треба да се молчи под притисоците и уценувањата и дека постојат институции кои ги почитуваат законите.

„Ова е силна порака до новинарите дека не е точно дека само со замолчување се останува во професијата. Мора да се тргне сликата за замолчаната фела, а ова ни дава ентузијазам дека треба да се бориме“, изјави претседателката на синдикатот Тамара Чаусидис и им порача на новинарите дека малодушноста мора да престане да биде заштитен знак на фелата.

Охрабрување за сите новинари

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани им честита на новинарите од Утрински за храброста да не молчат во редакцијата каде што се побунија против заплашувањата и уценувањата од отпуштање и затворање на весникот, на колегите новинари што се солидаризираа со нив, што излегоа на протестот низ

Naser Selmani

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани

улиците на Скопје и за храброста на трудовите инспектори да донесат ваква одлука.

„Нашиот еснаф не бара сожалување и милостина, ова покажува дека вреди да се бориме и таа битка мора да ја продолжиме и да извојуваме победи само ако се обединиме и поставиме јасни цели“, рече Селмани.

Отпуштените новинари велат дека МПМ и да не го испочитува извршното решение на инспекторатот и да ги врати на работа, одлуката на инспекторатот ќе биде силен аргумент во судската постапка, која веќе новинарите ја поведоа во судот против МПМ.

„Не не отпуштија затоа што бевме лоши новинари, туку затоа што решивме да протестираме и да го кренеме гласот против несносливата агонија на заплашувања, притисоци дека ќе се отпуштаа новинари и дека Утрински ќе згасне“, изјави Оливера Војновска, една од отпуштените новинарки која од самиот почеток на Утрински весник, 12 години беше во редакцијата на овој дневен весник.

Автор: БГ/макфакс/+инфо

Редактор: Александра Трајковска