1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Откажувањето на Санторум значи неофицијална победа на Ромни

Предизвикувачот на Барак Обама за претседателските избори во САД е речиси сигурен - Мит Ромни. По откажувањето на главниот партиски ривал Рик Санторум, кандидатурата на Ромни е се’ поизгледна.

Изборната трка за претседателски кандидат од редовите на Републиканската партија е завршена. Само уште чудо може да го спречи мултимилионерот и поранешен гувернер на Масачусетс Мит Ромни да биде републикански кандидатат за претседател на САД. Неговиот најсилен конкурент Рик Санторум се откажа од натамошните прелиминарни избори. „Оваа трка за мене е завршена“, изјави тој на прес-конференција во Гетисбург. Одлуката, како што рече, ја донесол заедно со неговото семејство. За откажувањето придонесле приватни грижи, истакна Санторум. Причината гласи: неговата тригодишна ќерка страда од редок вид генетски дефект и морала за време на минатиот викенд повторно да биде однесена во клиника.

Поранешниот сенатор и ултраконзервативец во изминатите три месеци од почетокот на прелиминарните избори кај републиканците се разви во единствен сериозен противник на Мит Ромни. Санторум, иако влезе во трката

како аутсајдер, успеа со неговите заложби за традиционалните вредности да извојува победи над фаворитот Ромни, кој важи за умерен политичар, во 11 сојузни држави.

Но во последно време растеше притисокот врз него да се повлече од теренот за да може Републиканската партија одлучно и обединето да тргне во борба против демократот Барак Обама.

Битката за Белата куќа може да почне

Ромни досега извојува победи на републиканските предизбори во 24 сојузни држави. Преостанатите конкуренти во трката за кандидатурата за претседател на САД, Рон Пол и Њут Гингрич, поради досегашните слаби резултати речиси и да немаат реални шанси да бидат кандидирани од страна на Републиканската партија за предизвикувачи на Обама. Гингрич, сепак, најави дека ќе продолжи да се бори се‘ до решавачката изборна конвенција на партијата во август. Пол се’ уште се нема изјаснето за неговите натамошни планови.

Коментаторите очекуваат дека со повлекувањето на Санторум е отворена и главната битка за Белата куќа. Последната анкета меѓутоа, покажува дека Обама може на претседателските избори во ноември барем засега да гледа релаксирано. Имено, истражувањето на јавното мислење, спроведено по налог од весникот „Вашингтон пост“ и телевизијата „Еј-Би-Си“, покажува дека тој има комотна предност пред Ромни.