1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Откажан Њујоршкиот маратон

Градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг го откажа прочуениот Њујоршки маратон на помалку од 48 часови од планираниот почеток на трката и четири дена по беснеењето на бурата Сенди.

Годинешната трка е прва во историјата на Њујоршкиот маратон која била откажана.

Петицијата за откажување на маратонот преку интернет ја потпишаа 22 илјади и 500 луѓе. Почетокот на трката требаше да биде на Стејт Ајленд, една од областите која беше најтешко погодена за време на бурата Сенди.

Градоначалникот на Њујорк , Блумберг првобитно сметаше дека маратонот треба да се оддржи, потсетувајќи на неговиот претходник Рудолф Џулијани, кој не ја откажа традиционалната манифестација по терористичките напади во САД во септември 2001 година. Сепак градоначалникот одлучи дека најважно за градот е да биде нормализиран сообраќајот и животот да се врати во нормална состојба.

Синоним за маратонска трка

Организаторите на маратонот изразија жалење што голем број учесници допатувале за маратонот од цел свет , но и оти ова не е момент за оддржување на трката.

За маратонот беа пријавени околу 47 илјади натпреварувачи меѓу кои беа и оние кои интензивно тренираа во последните месеци. Многу меѓу нив беа разочарани дека нема да трчаат на маратонот, но истакнаа дека имаат разбирање за одлуката на градските власти.

За Њујоршкиот маратон во последните два дена голема полемика водеа и претставниците на демократите и на републиканците во Њујорк. Некои ги повикаа пријавените учесници на маратонот да се приклучат кон акцијата за пружање на помош на настраданите во бурата Сенди и „со трчање да разнесуваат храна и вода“.

Организаторите на маратонот располагаат со 2,6 милиони долари кои ќе ги отстапат за помош на жртвите, како залихи во храна, ќебиња или генератори за струја.

Голем број Њујорчани протестираа поради можноста полицајци да го обезбедуваат маратонот додека областите погодени од бурата се се’ уште без струја.

Маратонот во Њујорк се оддржува од 1970. година наваму и стана синоним за оваа атлетска дисциплина.