1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Отец Санџакоски: Празниците се второ име за радоста

Често, особено на празници луѓето се прашуваат: „Каде сме, каде одиме, што сторивме? Знаеме ли да се радуваме, што е животот? Колку е моќен човекот?“ Одговорите ни ги даде Отец Стефан Санџакоски од Струга.

default

Отец Стефан Санџакоски

Пред секој Божик – Раѓањето Христово или друг верски празник, човек најчесто се прашува себеси: Има ли радост во душата. И што да стори човек за да се чувствува возвишен? Отец Санџакоски со длабока смиреност и широка насмевка ни вели: „Празникот за свое второ име ја има радоста. Всушност радоста е суштина на човечкото историско постоење. Нема човек кој што не би дал се’, своите внатрешни духовни простори да ги исполни со чувството на радост. Но, радоста не доаѓа туку така. Таа не се купува со пари и не може да се искамчи на друг начин. Ќе дојде кога човекот ќе се причести со самата смисла на животот свој. Празниците кои за своја основа ја имаат моќта човекот да го приближат и да го стават во органска врска со самата смисла на животот се носители на таа радост кон која што исконски копнее природата на човекот.“

Човекот е во вечна потрага по среќата

Животот на човекот се сведува на голо историско постоење, на еден пат на транзиција кој што за почеток ја има гинеколошката клиника, а за свој конечен крај градските гробишта. Со тој живот нема човек кој што би се согласил, вели отец

Frau in der orthodoxen Kirche in Mazedonien

Санџакоски: „Најчесто под среќа се подразбира некој неочекуван дар – добивка на лото или некој друг подарок. Игрите на среќа се расцветале и во државниот и во приватниот сектор. Но, чинам дека тоа се само миговни радости зад кои повторно зјае пропаста од бессмислата на животот. Да бидете среќни, значи да се сретнете со некој, кој што ќе ве исполни. Ќе ви ги исполни сите животни очекувања и ќе ви го исполни целокупниот живот со среќа, така што ќе ги пробие историските детерминанти на овој свет век. Ќе ги спои просторот, времето и географските простори на планетата на која што живееме и ќе не воведе во еден свет во кој што царува животот што не знае за смрт. Такви се празниците кои што ни доаѓаат во пресрет. Тие не соочуваат со вечните димензии од човековото постоење.“

На лошото да се врати со добро!

Обично човек кога се преиспитува, го бара одговорот на религиската порака „На лошото да се врати со добро“.

„Тоа е типично евангелски постулат. На каменот да се врати со леб, на лошто да се врати со добро. Во тоа барање на добрата и благата вест Божја упатена кон човекот. Активно, динамично да го живее својот живот, наспроти етичкиот концепт на Бернард Шо, Махатма Ганди, Толстој, кој што бараат еден пасивен однос кон злото“.

Домот на отец Санџакоски црква во мало – отворена за сите

Mazedonien Pfarrer Stefan Sandzakovski

Отец Стефан Санџакоски

Отец Стефан Санџакоски е професор на Теолошкиот факултет во Скопје, студирал во Белград, а докторирал во Париз. Поделен меѓу Скопје и Струга тој им е оддаден на луѓето и Бога: „Нашиот дом или црква во мало. Го цитирам Свети Апостол Павле и неговото кажување за христијанското семејство. Куќава е вечно отворена за сите луѓе без селекција, секој со своите маки, радости и проблеми може да дојде кај отец Стефан како кај свој пастир. Како кај пастир на светата црква божја, да побара утеха и совет. Целиот мој живот се трудам да биде една голема неиспрекинета литургија, служена после светата литургија на која што со радост и се посветувам во секој неделен ден и на секој голем празник. Подготвен да го прегрнам братот мој што ми приоѓа имајќи потреба од таа средба со мене“, вели Санџакоски.

Со желби за среќни празници и многу радост во душата отец Санџакоски вели: „Божик – раѓањето на нашиот животодавец и спасител Богочовекот Христос не е локална традиција, туку празник со универзално значење. Фокус во кој што се собираат животните линии на сите луѓе, на сите генерации и сите времиња. Божик е клуч за разбирање на тајната на човекот и тајната на Бога. Христос се роди! “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска