1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Отворен вентилот на „Северен поток“

Денеска во германскиот град Лубмин свечено е пуштен во употреба гасоводот „Северен поток“, кој директно ги поврзува сибирските наоѓалишта со Германија, преку Балтичкото море.

default

Со заеднички сили: Меркел и Медведев го отворија вентилот за рускиот гас

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека „Северниот поток“ е сигнал за тоа дека Германија и Европа „се ориентираат кон сигурна и одржлива соработка со Русија“. На полето на енергетиката овој проект воведува нови стандарди, порача Меркел откако со рускиот претседател Дмитри Медведев симболично го отвори вентилот на гасоводот. „Наспроти сите обиди за широко позиционирање на изворите за снабдување со енергија, Русија е сепак еден од главните партнери на Европа“, додаде Меркел во градот Лубмин.

Гостинот од Москва, пак, порача дека соработката што ја означува „Северниот поток“ за Русија е од долгорочен карактер. Освен тоа, тој е уверен дека Русија и ЕУ ќе соработуваат на многу други проекти, како во енергетскиот сектор, така и во други области, додаде Медведев.

Wulff und Medwedew in Berlin

Германскиот и рускиот претседател Кристијан Вулф и Дмитри Медведев на прес-конференцијата во Берлин

Со пуштањето во употреба на првиот крак од гасоводот Германија, Франција, Холандија и Белгија годишно ќе добиваат по 27 милијарди кубни метри земен гас од руските наоѓалишта во Сибир. Во план е идната година да биде завршен и вториот крак што ќе го удвои количеството.

Дочек со највисоки почести

Рускиот претседател Дмитри Медведев денеска допатува во Берлин, каде беше дочекан со највисоки државни почести од германскиот претседател Кристијан Вулф. Медведев на заедничката прес-конференција со Вулф се заложи за скорешно укинување на визниот режим меѓу Русија и ЕУ. Ова прашање е од клучна важност за натамошните односи, нагласи Медведев во Берлин. Гасоводот „Северен поток“ тој го оцени како знак за натамошно зацврстување на меѓусебните односи со Германија и со ЕУ. Домаќинот Кристијан Вулф ги оцени односите како позитивни и порача дека Германија сака да го исполни договореното стратешко партнерство со Русија со конкретни содржини. Тој меѓутоа порача дека посакуваното укинување на визниот режим за сега не е можно.

Bundespraesident Wulff empfaengt russischen Praesidenten

Дочек со највисоки почести: Медведев и Вулф

Пропуштен потенцијал

Претседателот на Источниот одбор на Германската трговска и индустриска комора Екхард Кордес ги предупреди европските земји дека лекомислено ја пропуштаат шансата за продлабочување на економските односи со Русија. Цели осум години стои на маса рускиот предлог за взаемно укинување на визниот режим, а уште не е финализиран ни договорот за економска и трговска соработка. И идејата на Русија за создавање единствена економска зона од Лисабон до Владивосток не е прифатена, критикува Кордес. Иако нивото на германско-руската трговска размена годинава ќе го надмине нивото од 70 милијарди евра, сепак постои уште голем потенцијал што не е искористен. Тој појасни дека и Русија носи одговорност за релативната стагнација во односите со Германија и ЕУ. Таа би требало порешително да го отвори пазарот и да ги изаедначи домашните и странските инвеститори што се однесува до правата да се пријавуваат на тендери.

Автор: Горан Чутаноски/дпа/афп/ртр

Редактор: Е.М.Фиданоска