1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Отворена Пандорината кутија

Во Македонија вчера беа одржани предвремените парламентарни избори, на кои победи коалицијата на партијата на премиерот Никола Груевски. Изборите беа засенети со низа насилства. Коментира Нада Штајнман

default

Каква иднина ја очекува Македонија

Под знак на крваво насилство и нерегуларности вчера во Македонија се изгласа нов парламент. Национално-конзервативниот премиер Никола Груевски изрично изрази жалење за испадите на денот на изборите. Во истовреме, тој ја славеше својата победа како „историска“ . Неговата земја оди во пресрет на светла иднина , уверен е стариот, а во исто време и нов премиер.

Но сепак се наметнува прашањето каква политичка зрелост покажа навистина Македонија на овие избори. Впрочем во предизборието постојано се говореше за тоа дека изборите се тест за подготвеноста на земјата за посакуваното членство во ЕУ и НАТО. Во предизборната кампања Груевски се профилираше како заштитник на националните интереси. Неговата омилена фраза, во врска со спорот со името со Грција, е дека членството во НАТО и ЕУ не смее да значи загуба на, како што вели тој,„нашиот идентитет, нашиот јазик и нашата нација“.

Не е проблем само името

Колку ќе беше едноставно ако Македонија имаше проблеми само со името. Да потсетиме дека поминаа само 7 години откако Македонија се движеше на работ на граѓанска војна. По конфликтот во соседно Косово и македонските Албанци се пројавија со идеи за автономија. Тие и до денес не се задоволни од спроведувањето на нивните права, соодветно на Охридскиот договор. Се чувствуваат запоставени и налутени се што Македонија се‘уште не ја признала независноста на Косово. Независно од тоа што секогаш една албанска партија е дел од владата, за стабилни односи во Македонија не може да стане збор. За да дојдат на власт, партиските активисти на албанското малцинство бргу посегнуват по оружје. Владејачката ДПА на Мендух Тачи и овој пат освои помалку гласови отколку популарната опозициона ДУИ на Али Ахмети. Но сепак таа има добри шанси да остане партнер на коалицијата „За подобра Македонија “на победникот Груевски .

Негативен знак за Европа

Насилствата и борбата за моќ меѓу албанските политичари и‘ создаваат грижи на ЕУ. Тоа би можело негативно да се одрази на утврдувањето на терминот за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Тука нека ни е дозволено да прашаме, зошто сите граѓани на Македонија треба да страдаат поради тоа што Албанците својата борба за моќ ја водат со оуржје и тупаници. Дали Албанците на Косово и во Албанија не покажаа дека се способни да спроведат фер и демократски избори? Зошто тогаш тоа не би можеле да го направат и во Македонија?

Албанците не смеат да бараат пречекорување на договореното од Охрид , што им гарантира права во Македонија , зашто во спротивен случај би се отворила Пандорината кутија , предупредува премиерот Груевски. Но да бидеме искрени дали таа веќе одамна не е отворена? Политичкиот вакум што се создаде по распадот на Југославија ги зближи Албанците. И Албанците во Македонија го користат знамето со црниот двоглав орел на Република Албанија.

Приемот во НАТО, за што се залагаа сите етнички групи во Македонија ќе беше погоден да ги обедини сите во кревката повеќенационална држава. Но во Букурешт беше донесена поинаква одлука. Разочарувањето сеуште не е премостено. А сега и најавата дека можеби и преговорите за зачленување и во ЕУ ќе се одложат за во далечна индина . Вака погледнато : дали навистина може да му се верува на победникот Никола Груевски дека неговата земја ја очекува светла иднина ?