1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Осум милијарди евра за македонската економија

Премиерот Никола Груевски најави реализација на амбициозни проекти во наредните седум години. Опозицијата криткува дека станува збор за политички маркетинг.

default

Македонската влада

Во период на сериозни економски потреси во Европската унија и отсуство на заеднички план за спас на источно европските економии, македонската влада најави амбициозна инвестициска програма од 8 милијарди евра. Толку пари во наредните седум години треба да бидат вложени за изградба на рудници, термо и хидроцентрали, гасификација, патишта, пруги, социјални станови, нуклеарни истражувања. Според владините проекции, сумата ќе биде обезбедена од државниот буџет, од кредити и од концесии. Премиерот Никола Груевски вели дека ќе биде задоволен ако се реализираат барем две третини од стратешкиот план за обнова на македонската економија: „Реализацијата на овие проекти, во овие кризни услови, значително ќе го подобри квалитетот на живеење на сите граѓани, ќе го стимулира растот и развојот на долг рок и значително ќе ја подигне конкурентноста на македонската економија“, рече премиерот Груевски.

Експертите се воздржани, опозицијата критикува

Sozialdemokraten, Kongress in Mazedonien

Зоран Заев

Експертската јавност во Македонија е воздржана за програмата објавена ден пред официјалниот старт на изборната кампања. Аналитичарите кои ги консултираше „Дојче Веле“ сметаат дека станува збор за многу општа програма која допрва треба да детално да се разработи и да се утврдуваат приоритетните проекти. Затоа одбиваат јавно да ја оценуваат инвестициската програма на Владата. Но со обвинувања на адреса на владата се огласи опозициската СДСМ. Претседалот Зоран Заев критикува: „Тоа апсолутно не е возможно и е политички маркетинг, од две причини. Првата е тоа што ВМРО-ДПМНЕ е на власт веќе три години и нема ниту денар инвестиции, а втората, бидејќи Груевски ќе нема можност да ја води Македонија уште долго време“, изјави Заев.

Само две милијарди инвестиции од осамостојувањето

Во новата програма се вброени и старите проекти кои не се реализирани од објективни но и субјективни причини. Глобалната криза и слабостите на македонската администрација. Само за неколку месеци се одложени проекти вредни повеќе од 350 милиони евра. Неизвесно е влегувањето на турски „Тав“ во аеродромите, изградбата на сончевиот град, изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште, 145-те спортски сали. Најавените осум милијарди евра изгледаат уште по бомбастично ако се земат предвид статистичките податоци за обемот на директни странски инвестиции од осамостојувањето на Македонија. За осумнаесет години Македонија привлекла едвај две милијарди евра.