1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Осуден и компјутерскиот експерт на Папата

Судот во Ватикан денеска (10.11) го осуди Клаудио Шарпелети, компјутерски експерт во Светата столица, за попречување на истрагата околу протекувањето во јавноста на тајни документи на папата Бенедикт Шеснаесетти.

Истиот суд кој минатиот месец го осуди Паоло Габриеле, поранешниот батлер на папата Бенедикт Шеснаесетти, го осуди и Шарпелети на двомесечна условна казна затвор. Тој беше обвинет за помагање на Габриеле во протекувањето на документот, но судот го осуди само за попречување на правдата, бидејќи тој го промени сведочењето неколку пати во текот на истрагата. Шарпелети мина една ноќ во мај во затвор, два дена по апсењето на батлерот Габриеле.

Кога ватиканската полиција го пребарала бирото во Секретаријатот на државата, кој се смета за „нервен“ центар на администрацијата на Светата столица, таа открила затворен коверт адресиран до Габриеле со назнака „лично“. Тој содржел документација која се однесувала на глава од книга за корупцијата и интригите во Ватикан, напишана од италијанскиот новинар Џанлуиџи Нуци, кој добивал доверливи документи од Габриеле.

Во неговото сведочење рано денеска Шарпелети рече дека не одиграл никаква улога во помагање на изнесувањето на доверливите документи. На листата на сведоци се најдоа и врвни безбедносни службеници во Ватикан, вклучувајќи ги и телохранителите на Папата, а меѓу нив беше и батлерот од доверба, кој минатиот месец беше осуден на 18-месечна затворска казна за кражба на документите. Првично побараната казна од четири месеци условна казна, беше намалена на два, бидејќи компјутерскиот техничар немал претходно криминално досие.