1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Осуда на меѓуетничката нетрпеливост

Целосно смирување на состојбата и враќање на довербата меѓу етничките и верските заедници, побарано од денешната седница на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците, по серијата инциденти во земјата

Централната и локалната власт да продолжат да го поттикнуваат меѓусебниот дијалог и соработка, невладиниот сектор да биде силен партнер за јакнење на довербата, верските заедници да ги негуваат вредностите на толеранција, разбирање и почит меѓу луѓето, а медиумите да придонесат за смирување на тензиите, се дел од заклучоците на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците, кој денеска расправаше за последните случувања во Струга и Стушко.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко побара од неговиот колега од Вевчани и од организаторите на Вевчанскиот карневал јавно да се извинат, за, како што рече, учеството на Вевчанскиот карневал на маски со навредлива содржина за исламот. Тој упати порака да се сочува заедничкиот соживот, но и етничкиот и професионалниот однос меѓу заедниците во општина Струга и во иднина да нема нереди.

Вевчанскиот градоначалник Перо Илиески го осуди сквернавењето на црквите во Октиси и Лабуништа и бојкотот на Здравствениот дом во Вевчани.

Тој нагласи дека Вевчанскиот карневал не е за да навреди, туку го изразува слободарскиот дух и сатирата, она што граѓаните не само од општина Вевчани туку и пошироко да го изразат своето видување на она што поминало во изминатата година. Илиески ги повика жителите на Дримколскиот крај независно од верската припадност со своите постапки да придонесат кон развој на економските,политичките, културните и други прилики.

Spannungen und Zwischenfälle in Struga Mazedonien

Градоначалникот на Вевчани, Перо Илиески

Без популизам и омраза

Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Валентина Божиновска заклучи дека Македонија е лидер во Балканот заради етничката и верската толеранција. Според неа, сите заедно мора да знаеме на каков начин ќе се вложат и поединците и нивната реторика без популистички основ. Повика на смирување на негативните страсти и никој задулисно да не профитира од верските чувства.

Манифестирањето на нетрпение преку јазикот на омразата кој, како што истакна народниот правобранител Иџет Мемети, е присутен во последно време води кон поделба и создавање на тензични ситуации може да предизвикаат само штета.

Свештеникот Благоја Ацески во име на Македонската православна црква ги осуди настаните во Струга и Струшко кои придонесуваат за нарушување на етничкиот мир и верската толеранција во Република Македонија. Упати апел до сите граѓани да се однесуваат разумно и одговорно и да придонесат за создавање услови за нормален соживот достоен за една демократска држава.

Претставникот на ИВЗ Дритон Дикена нагласи дека протестот во Струга не е игра на политика, туку, како што рече, само потреба да и’ се сврти внимание на јавноста за спречување на негативните процеси. Тој се надева дека палењето и сквернавењето на црквите не е направено од припадниците на исламот, бидејќи, според него, тој што крева рака врз верски храм во тој момент престанува да биде и муслиман.

Сите да водат повеќе сметка

Spannungen und Zwischenfälle in Struga Mazedonien

Амбулантата во Лабуништа

Силвана Бонева, пратеник од ВМРО - ДПМНЕ упати апел до градоначалниците на локално ниво да водат сметка за секој искажан збор, констатација и навреда кон друга етничка заедница или религија, па макар и на друга политичка партија.

Пратеникот Орхан Ибраими од ДПА смета дека проблемот во Струшко не е меѓуетнички, туку оти е вештачки за да се дефокусира јавноста од проблемите.

Џеват Адеми од ДУИ рече дека вината е поголема и подалечна од Вевчанскиот карневал и оти „на сите ни се заканува опасност и заедно ќе гориме во оганот кој можеби некој и со цел го потпалува“.

За Оливер Спасовески од СДСМ зачувувањето на меѓуетничката и меѓуверската толеранција и напредувањето на овие односи мора да бидат приоритет на сите релевантни политички парии во државата, но и на претседателот, Владата, верските заедници, локалната самоуправа... и во тој правец рече дека треба да делуваме сите заедно.

Автор: БГ/миа

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM