1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Осуда на воениот пуч во Мали

Советот за безбедност на Обединетите Нации го осуди воениот преврат во Мали и побара враќање на демократски избраната власт во оваа африканска држава. Осуда стигна и од ЕУ и Германија.

Уставниот поредок во Мали треба итно повторно да биде воспоставен, се вели во декларацијата на Советот за безбедност на Обединетите нации објавена во Њујорк.

Највисокото безбедносно тело на ОН ги повика бунтовниците да обезбедат заштита и да ја гарантираат безбедноста на претседателот, да ги ослободат сите раководни функционери во државата и да се вратат во воените бази. Советот ги повика сите страни во Мали да пројават максимална воздржаност, да не преземаат насилни мерки и да го почитуваат суверенитетот, единството и територијалната целина на Мали..

Претходно, ЕУ, Германија и многу други земји и организации го осудија пучот.

Во текот на вчерашниот ден одметнати војници ја нападнаа претседателската палата во главниот град Бамако и објавија дека владата е соборена. Претседателот на Мали, Амаду Тумани Туре, по превратот, според наводи на негови приврзеници, се наоѓа заедно со неговата гарда во една воена база во Бамако. Бунтовниците од редовите на војската го оправдаа превратот со неспособноста на власта да му стави крај на бунтот на Туарезите на северот од земјата.

Светските новински агенции јавуваат дека воените бунтовници во Мали почнаа со ограбување во главниот град Бамако. Локалните телевизии и радиостаници јавија дека бунтовниците кои ја презедоа власта ја ограбиле претседателската палата и други владини згради.

Лидерите на бунтот кои го формираа Националниот совет за обнова и демократија на државата ги осудија грабежите, но засега не се во состојба да ги спречат војниците кои ограбуваат и уништуваат во Бамако. Во државата е воведена вонредна состојба.