1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Осуда за крвавиот бомбашки напад во Бејрут

Советот за безбедност на ОН решително го осуди вчерашниот терористички напад во Бејрут во кој загина шефот на либанската разузнувачка служба и уште 8 лица. Советот ги повика Либанците да ја сочуваат безбедноста.

Петнаесетте земји-членки на Советот за безбесност ја повторија безрезервната осуда на секакви обиди да се дестабилизира Либан со политички убиства, се наведува во соопштението издадено во Њујорк во кое сите Либанци се повикуваат да го зачуваат националното единство, наспроти ваквите закани и сите либански партии да го продолжат националниот дијалог.

Во соопштението, членките на Советот за безбедност изразија сочувство за жртвите од овој акт на омраза како и народот и на владата на Либан. Највисокото безбедносно тело на Светската организација ја повтори осудата на тероризмот во секаков облик и ја повтори подготвеноста за борба против него. Членките на Советот ја истакнаа и потребата, сторителите, организаторите и финансиерите на ова злосторство да бидат изведени пред суд и и’ ветија помош на либанската влада во напорите да го стори тоа.

Прстот вперен кон Башар ал Асад

Во одвоено соопштение Генерлниот секретар на ОН, Бан Ки Мун истотака го осуди нападот и побара детална истрага. Тој ги повика Либанците да не подлегнуваат на провокации и да останат смирени и воздржани.

Лидерот на прозападната и антисириска опозиција во Либан, Саад Харири го обвини сирискиот претседател Башар ал Асад за нападот во Бејрут. Началникот на разузнавачкото одделение на либанската полиција Висам ал Хасам кој бше цел на нападот, беше близок соработник на Саад Харири.

Инаку бомбата во која загина Ал Хасам експлодирала во христијанскиот кварт Ашрафие, на околу 200 метри од седиштето на опозициската христијанска партија Фаланга (Катаиб).

При експлозијата се уништени неколку возила, а оштетена е и една зграда.

Инцидентот се случува во момент на тензии меѓу либанските политички партии, кои се со спротивни ставови за решавање на кризата во Сирија. Партијата Катаиб е една од главните критичари на режимот на сирискиот претседател Асад.

Инаку таткото на Саад Харири, Рафик, кој беше премиер на Либан беше убиен во Бејрут пред седум години. Неговите сојузници тогаш го обвинија режимот на Асад и радикалната либанска шиитска група Хезболах, која сега е дел од владејачкото мнозинство во Либан.