1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Осуда за говорот на омраза на грчките војници

Македонија утре ќе искаже протест до грчката амбасадорка во земјата поради погрдните пароли, кои ги извикувале грчки војници за време на парадата по повод националниот празник на Грција. Во Албанија веќе имаше протести.

default

Македонското МНР

Македонското министерство за надворешни работи ја повика утре на разговор грчката амбасадорка Александра Пападопулу поради антимакедонските скандирања на воената парада во Атина. На средбата со заменик министерот Зоран Петров ќе и биде искажан протест и ќе биде побарано формално извинување, потврдија за новинската агенција МИА во МНР.

Портпаролот на македонската влада Мартин Мартиновски денеска на прес-конференција, оцени дека манифестирањето говор на омраза не придонесува за градење добрососедски односи.

Gebäude der mazedonischen Regierung in Skopje

Влада на Р. Македонија

„Не би коментирале премногу, но во принцип осудуваме каква било манифестација на говор на омраза. Сметаме дека тоа не придонесува кон градење дух на добрососедски односи“, изјави Мартиновски, прашан за ставот на Владата во врска со случувањата на воената парада во Атина. Мартиновски додаде дека се’ уште се разгледува можноста за испраќање на протестна нота до владата во Атина, но дека најверојатно таа ќе биде испратена веќе в понеделник.

„Тие се Скопјани, ќе си направам нова облека од нивната кожа“, извикувале меѓу другото грчките војници на парадата по повод националниот празник на Грција. За време на парадата, покрај против Македонците, расистички слогани биле упатени и против Албанците и Турците.

Албанија веќе жестоко реагираше на инцидентот

Ilir Meta

Илир Мета

Пред грчката амбасада во Тирана вчера се одржаа протести во знак на револт поради извикувањето антиалбански пароли од страна грчките војници при прославата на Денот на грчката независност. Организатори на протестот во Тирана беа здружението „Мјафт“ и навивачите на државната фудбалска репрезентација, а им се придружија и двајцата пратеници во албанското Собрание. На протестот е побарано официјална Атина да ги казни војниците, кои ги извикувале паролите. Протести се одржаа и во градот на најголемото албанско пристаниште, Драч. Претходно и министерот за надворешни работи и заменик премиер на Албанија, Илир Мета го осуди инцидентот и притоа паролите ги оцени како скандалозни и насилни.

Грчките медиуми во меѓувреме објавија дека офицерот на единицата е суспендиран, а се најавени казни и за војниците. Министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис наредил истрага и изјавил дека никој нема право да шири омраза и ксенофобија. Сличен инцидент се случи и пред две години, кога регрути на грчката армија извикуваа пароли против народите кои живеат во грчкото соседство.

На наредната страница прочитајте ги партиските реакции за инцидентот.