1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Островот Ада Кале го загубија - пари не добија

На Ада Кале, романски остров на реката Дунав кај Ѓердап, некогаш се одвивал интензивен живот - до пред 40-ина години, до изградбата на големата хидроцентрала. Жителите мораа да се преселат, обесштетувањето изостана.

Дунав, најдолгата река во Европа - од нејзиниот запад, па низ средиштето и на крајот низ Балканот. Околу реката има многу историја и тајни. Овде се граничат Романија и Србија, се среќаваат различни култури. Ако не биле проголтани од водата! Како на пример Ада Кале, остров на Турците сред река. Пред повеќе од 40 години надојде водата и Енгур Ахмет остана без дом.

„Тажен сум кога ја гледам фотографијава и местото каде порано се наоѓаше островот. Многу сум тажен што веќе го нема“, вели Енгур Ахмет, поранешен жител на Ада Кале.

Островот сега е 40 метри под вода. Со него потонаа и многу различни приказни. Останаа само сеќавања. „Ова овде беше чекалницата на пристаништето“, вели Енгур, покажувајќи кон една фотографија.

Ada Kaleh

На местото на островот е напаравена брана, вештачко езеро и хидроцентрала

„Првобитно беа дојдени жители од различни култури - некои дојдоа од Босна, од Бугарија. На островот имавме луѓе од сите делови на некогашното Османлиско царство. Имаше и Киргизи, алевити, сунити, имаше дојдени и од Албанија. Таков ни беше островот“, додава Енгур.

Островот долг илјада и седумстотини и широк 500 метри, час припаѓал кон Австро-Унгарија, час кон Османлиското царство. Кога тоа се повлече од Балканот, Ада Кале остана како турска енклава. Во 20. век Ада Кале стана егзотично излетиште: гости доаѓаа од цела Романија за да купуваат турски слатки, тутун, кафе и ракија. Одвај десетина островјани останаа да живеат тука, на брегот на Дунав во близина на Ада Кале.

„Уште се врзувам многу силно за овие сеќавања, оти ние сме последните. Никој веќе не се сеќава на Ада Кале. Островот цело време ни е во душата“, вели Дургут Хусреф, некогашен жител на Ада Кале.

Од шокот тогаш, пред 45 години. „Погледај ги овие ужаси. Јас веќе доволно долго се нагледав“, разговараат меѓу себе двајцата поранешни жители на Ада Кале.

Од 1967 година романската армија почна да ги разорува куќите на околу 500 островјани, кои се преселија на беагот - а најголемиот дел всушност во Турција. Експлозив и тенкови беа употребени против вековната традиција. И, сето тоа од една причина - прогрес. Каде што некогаш беше Ада Кале, настанува огромна брана, вештачко езеро и хидроцентрала. Романија има огромна потреба од електрична анергија. Во тоа време - комунистичка верба во прогрес.

Die versunkene Donauinsel Ada-Kaleh

Споменот на Ада Кале го чуваат старите фотографии

Во 60-тите години Романија, тогашна земја од Источниот блок, и нејзиниот сосед Југославија договорија изградба на најголемата речна хидроцентрала на светот. Жителите на островот требаше да бидат преселени на друг остров - Шимијан, под браната. Требаше - но не се случи.

Пограничната полиција денеска го зема Енгур со себе кон тој остров. По исклучок - оти Дојче веле е тука. На Шимијан всушност се’ требаше да биде како на Ада Кале. Камен по камен беше донесена и делумно изградена дури и старата тврдина. Само една четвртина - и властите веќе не сакаа да продолжат.

Со кратка прошетка, по неколку грмушки, се доаѓа до преселените гробишта. Односно, до она што преостана од нив. Таму почива и мајка му на Енгур, сосем официјално погребана. Таа е прва и последна жителка на Ада Кале која беше погребана на новиот остров.

„Во септември се навршија 45 години откако ја погребав овде. Господ нека и’ даде спокој“, вели Енгур. Тој до денес спокој не најде.