1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Остри осуди за потегот на Пјонгјанг

Одлуката на Северна Кореја да изврши нуклеарен тест наиде на жестока осуда ширум светот, дури и од нејзините поддржувачи. Советот за безбедност на ОН одржува итна седница.

Советот за безбедност на ОН попладнево одржува итна седница откако Северна Кореја во текот на ноќта изврши ново тестирање на нуклеарна бомба. 15-члениот совет минатиот месец донесе резолуција со која се закани со „остра акција“ против комунистичката држава, доколку изврши нов нуклеарен тест или лансира ракета.

Состанокот се одржува во услови на општа осуда на потегот на Пјонгјанг. Дури и Кина, најблискиот сојузник на властите во Северна Кореја, го повика амбасадорот на оваа земја на консултации за да му го искаже своето „цврсто противење“ на извршениот тест.

„Ја повикуваме Северна Кореја да ги почитува своите обврски за денуклеаризација и да не презема акции кои можат да ја влошат состојбата“, соопшти кинеското министерство за надворешни работи.

Американскиот претседател Барак Обама го нарече тестирањето „многу провокативен акт“ со којшто се нарушува регионалната стабилност и најави дека Пјонгјанг ќе се соочи со акција од меѓународната заедница.

„САД ќе продолжат да преземаат чекори неопходни за наша и одбрана на нашите сојузници“, порача Обама.

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле повика на нови, поостри меѓународни санкции против комунистичката држава. Тој ги оцени акциите на Пјонгјанг како флагрантно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Вестервеле најави дека проблемот со Северна Кореја ќе биде разгледуван на следната седница на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Според наводите на американските тајни служби, нуклеарната проба во Северна Кореја предизвикала експлозија од „приближно неколку килотони“. Најверојатно се работело за подземна нуклеарна експлозија во близина на нуклеарна постројка на североистокот на земјата, која предизвикала земјотрес со јачина од околу 5 степени според Рихтеровата скала.