1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри критики и условена препорака

Борис Георгиевски10 ноември 2015

Македонија ја задржа препораката за почеток на преговорите за влез во ЕУ во Извештајот за напредокот кој беше објавен денеска. Извештајот содржи остри критики за состојбите во земјата.

https://p.dw.com/p/1H3IT
Фотографија: picture-alliance/dpa/Julien Warnand

Нова препорака за почеток на преговорите за влез во ЕУ, но овојпат условена со две обврски кои ги објасни еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан на прес-конференција во Брисел.

„Комисијата ѝ дава препорака на Македонија, но условена со спроведување на Договорот од Пржино и со имплементирање на итните реформи. Ова прашање повторно ќе се отвори по изборите во април 2016 година“, рече Хан.

Еврокомесарот оцени дека „политичкиот систем е сериозно поткопан со корупција“, оценка која се повторува и во Извештајот за напредокот кој беше објавен од Европската комисија.

Забелешките на ЕК за состојбите во Македонија се бројни и се однесуваат на речиси секој дел од системот: владата, судството, економијата, меѓуетничките односи, борбата против корупцијата, почитувањето на човековите права и на слободата на медиумите.

Во Извештајот се оценува дека земјата се наоѓа во најдлабоката политичка криза од 2001 година. „Пресретнатите разговори во кои наводно се вмешани високи владини функционери, сугерираат прекршување на основните права, мешање во независноста на судството, слободата на медиумите и изборите, како и корупција“.

Назадување во судството

Состојбата во судството назадува од 2014 година, се наведува во Извештајот, затоа што постигнувањата од последната деценија се сериозно нарушени поради актуелното и потенцијалното политичко влијание врз работата на судството. ЕК бара „деполитизација на именувањето и системот на промоција во пракса, а не само низ законите“; потоа „целосна поддршка за Специјалниот обвинител“; „реформа на системот на дисциплинирање и разрешување на судиите“; „усвојување на нова Стратегија за реформа на правосудството“.

Во однос на борбата против корупцијата, ЕК оценува дека досегашните законодавни и институционални достигнувања биле „засенети од недостатокот на политичка волја и политичкото мешање во релевантните тела, особено за случаи од високо ниво“. Оценката е дека корупцијата во Македонија е „широко распространета“ и дека последната година немало никаков позитивен напредок на тоа поле. Дополнително, се забележува дека сѐ уште немало истрага по сериозните сомнежи насочени против високи владини функционери. „Оваа селективна пасивност отвора загриженост за независноста на полицијата, Јавното обвинителство и на Државната комисија за спречување корупција“.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Оставките на Мијалков и Јанкулоска за ЕК се само „преземање ограничена одговорност“.Фотографија: DW/P. Stojanov

Парламентот да стане форум за дијалог

Критика и за работата на парламентот, кој според ЕК, мора да го подобри своето работење како форум за конструктивен политички дијалог и претставување, но и да ја засили својата законодавна и контролна функција. Тоа вклучува кредибилна функционална контрола на разузнавачките служби и капацитет за заштита на човековите права и основните слободи во државата.

Тековната политичка криза го отежна и раководењето со државата, кое беше доведено под прашање со откритијата за неетичко однесување, илегални активности, па дури и потенцијални кривични дела, се вели натаму во Извештајот.
Притоа „беше преземена само ограничена политичка одговорност преку оставките на двајца министри и шефот на тајната служба“.

Подготвеноста на јавната администрација се оценува како „скромна“, а најголемата критика е насочена кон „политизацијата која беше обелоденета со содржината на објавените прислушкувани материјали, како и со одложувањето на целосната имплементација на новата законска рамка“. Меѓу препораките се наведува и дека треба да се „суспендира и ревидира имплементацијата на Законот за трансформација на привремените позиции во постојани договори за работа се додека во целост не се примени принципот на заслуга“.

МРТ не си ја врши улогата

Во делот на слободата на изразувањето и медиумите, и покрај законската рамка која е во согласност со меѓународните стандарди, се оценува дека земјата „продолжила да назадува во последната година“. За надминување на недостатоците се препорачува: „целосна транспарентност на владиното рекламирање и развивање на механизам за неплатени огласи на јавниот сервис кои навистина ќе имаат карактер на јавен интерес“. Се нотира и физичкиот напад на висок владин функционер врз новинар и се бара „воздржаност од политичарите и државните функционери во однос на тужбите за клевета“. Европската комисија натаму смета дека Македонската радио телевизија нема целосна уредничка независност. На јавниот сервис му се префрла и дека „не ја информира јавноста за работи од јавен интерес, вклучително и аферата со прислушкувањето, на балансиран и неселективен начин и со тоа ја нарушува својата улога на јавен сервис“.

Во однос на економските критериуми, се оценува дека земјата е на добро ниво на подготвеност во развојот на функционална пазарна економија, но се нотира назадување во управувањето со јавните финансии. „Растот на вкупниот јавен долг и натаму е загрижувачки. Невработеноста останува висока со 28 проценти“, се оценува во Извештајот за напредокот во 2014 година на Европската комисија.