1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Остра реакција на Пекинг на средбата на Обама со Далај Лама

Средбата на американскиот претседател Барак Обама со тибетскиот духовен водач, Далај Лама во Вашингтон ја разлути Кина. Во Пекинг кинеската влада го повика американскиот амбасадор и му врачи официјална протестна нота.

default

Барак Обама и Далај Лама

Пред дипломатскиот протест, кинеското министерство за надворешни работи остро ја осуди личната средба на американскиот претседател со Далај Лама. Ова е груба повреда на нормите кои владеат во меѓународните односи. Вашингтон мора да прекине со толерирање и поддршка на антикинеските сепаратистички сили и мешањето во внатрешните работи на Кина, со што сериозно се наштетува на односите на двете земји, соопшти портпарол на кинеската дипломатија.

Американскиот претседател Барак Обама вчера го прими тибетскиот духовен водач Далај Лама во Белата куќа, искажувајќи му поддршка во заштитата на тибетската култура и во зачувувањето на човековите права. Отстапка кон протестите од Пекинг беше што на средбата не и` беше даден голем публицитет, камерите не беа присутни, а таа се одржа во просторија покрај официјалната, каде Обама ги прима своите гости.

По разговорот со Обама, Далај Лама излезе пред новинарите: „Почестен сум од средбата со претседателот на најголемата демократска земја. Отсекогаш сум ја почитувал Америка, не како економска или воена сила, туку пред се` како предводник во демократијата, слободата и човечките вредности, затоа сум многу среќен.“

Подоцна Белата куќа објави фотографија од средбата и соопштение, во кое се фали ангажманот на Далај Лама за ненасилство и дијалог. Од 1991 година сите американски претседатели имаа средба со Далај Лама, минатата година Обама не ја оствари.

Пекинг го обвинува тибетскиот водач, кој живее во егзил, дека сака да го отцепи Тибет од Кина. Далај Лама, напротив, тврди дека ја признава власта на Кина, но бара поголеми права за својот народ.

Автор: ЖА/ТТ/дпа/афп/дв

Редактор: Александра Трајковска