1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Остра осуда од меѓународната заедница за нападот во Кана

Од секаде пристигаат реакции со осуда на израелските напади во либанското село. Либанската влада побара итна седница на Советот за безбедност во врска со тешкиот инцидент.

Една од жртвите во Кана

Една од жртвите во Кана

Во телефонскиот разговор со генералниот секретар на ОН Кофи Анан, како и преку либанската телевизија, либанскиот премиер Фуад Синиора побара и моментен прекин на огнот.

Синиора искажа почитување за, како што рече, „душите на невините маченици“, и ги повика Либанците, другите Арапи и целиот свет обединети да застанат пред, како што вели, „израелските воени криминалци“. „Во ова тажно утро нема место за било каква дискусија освен за неодложен и безусловен прекин на огнот, како и за меѓународна истрага за израелскиот масакр во Либан“ – рече либанскиот премиер Синиора. Либан ја откажа планираната посета на американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс на Бејрут, која овде требаше да ги продолжи разговорите за смирување на конфликтот, откако синоќа на таа тема разговараше и со израелскиот премиер Ехуд Олмерт во Ерусалим.

„Очекувате сега да и’ искажеме добредојде на госпоѓица Кондолиза Рајс да дојде во Либан по овој масакр? Не мислам така. Се’ што ќе кажам е само дека се надевам оти американскиот народ во медиумите ќе го види овој масакр, и ако го види не верувам дека ќе сака неговата влада 100-процентно да е на страната на Израел“ – изјави либанскиот претседател Емил Лауд за американската телевизија Си ен ен.

Кондолиза Рајс смета дека по овој израелски напад со најтешки последици досега „дојде време за примирје“.

„Решив да ја одложам мојата дискусија во Бејрут“, рече Рајс и најави дека останува во Ерусалим каде ќе ги продолжи разговорите со израелски функционери за да постигне согласност за ставање крај на конфликтот. Направен е прогрес во подготвувањето на политичка рамка и приближување на ставовите на засегнатите страни вели Рајс. „Ова што овде го работиме ќе овозможи Советот за безбедност на ОН колку што е можно побргу да преземе решавачка акција за прекин на огнот“ – рече американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.

Израел искажа жалење поради големиот број жртви од нападот врз Кана.

Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Гидеон Меир уште рече дека израелските сили со сите средства се обиделе да избегнат цивилни жртви, но Хезболах го злоупотребувал цивилното население како „жив штит“ за своите бази.

Толпа возбудени луѓе во Бејрут ја нападнаа зградата во која се сместени претставници на ОН. Протести пред седиштето на претставници на ОН имаше и во сирискиот главен град Дамаск. Личниот претставник на генералниот секретар на светската организација во Бејрут го осуди израелскиот напад. Геир Петерсен искажа „длабока погоденост и тага поради смртта на десетици либански цивили, меѓу нив и многубројни деца“. Тој смета дека мора да уследи меѓународна истрага за настанот.

Опустошувачкиот напад врз селото Кана на југот на Либан предизвика вчудоневиденост и огорченост во светот. Францускиот претседател Жак Ширак го осуди нападот како „непростлив“ и повторно побара прекин на огнот. Британскиот министер за надворешни работи Маргрет Бекет избегна изрично да го осуди Израел. Моментен прекин на огнот побара и Јорданскиот крал Абдула Втори и ја повика меѓународната заедница да ја покаже својата одговорност и да најде излез од кризата. Ирачката влада го осуди нападот. 100-ина египетски опозициони пратеници од левицата и од Муслиманските браќа на протест во седиштето на Арапската лига во Каиро им префрлија на арапските земји дека молчат за израелските постапки.

Папата Бенедикт 16-ти упати итен апел за мир на Блискиот исток: „Во имена Бога им се обраќам на сите одговорни да ја запрат оваа спирала на насилство со тоа што веднаш ќе го положат оружјето“ – рече Папата за време на неделната молитва во неговата летна резиденција во Кастел Гандолфо кај Рим. Ситуацијата ќе станува се’ полоша и потрагична, смета поглаварот на Католичката црква.