1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Остра осуда на нападот врз Еулекс

Шефот на мисијата Еулекс на Косово, Бернд Борхарт, изјави дека е шокиран од нападот во кој загина еден, а ранети се тројца припадници на Еулекс. Нападот се случи денеска (19.09) во Звечан, на северот на Косово.

Нападот во кој беше убиен еден цариник, а ранети се тројца припадници на Еулекс, се случи изутринава, во 07:50 часот, а напаѓачите засега не се откриени. Шефот на мисијата Еулекс на Косово, Бернд Борхарт, на заедничката прес-конференција со шефот на канцеларијата на ЕУ на Косово Самуел Жбогар, објасни:

„Убиениот полицаец беше царински службеник од Литванија, посветен на обезбедувањето на стабилноста на Косово и некој кој придонесуваше за нормализација на односите на Србија и Косово. Беше млад човек, кој зад себе остави сопруга и семејство.“

Жбогар нагласи дека нападот врз припадниците на Еулекс е напад на ЕУ, на нејзините вредности и на сѐ она кон што Унијата се стреми - мир, безбедност и владеење на законите. Според него, нападот покажува дека сѐ уште постојат нечии интереси против нормализација на односите на северот на Косово и на Косово воопшто. Жбогар нагласи дека насилството не смее да ги загрози политичките процеси.

Косовската претседателка Атифете Јахјага и премиерот Хашим Тачи исто така најостро го осудија убиството. „Нападот врз Еулекс е напад на вредностите на државата Косово. Такви напади врз меѓународното присуство на Косово во период на подготовка за одржување локални избори се обиди да се создаде клима на несигурност и страв“, нагласи Јахјага. Таа, исто така, наведе дека се работи за срамен и кукавички чин и напад врз редот и законот.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ осудувајќи го најостро нападот, денеска оцени дека тој „не е пукање во Еулекс, туку во иднината на српскиот народ на Косово и Метохија, во иднината на Србија и нејзините граѓани“ и додаде дека целата влада во Белград инсистира сторителите да се уапсат. Првиот потпретседател на српската влада Александар Вучиќ, рече дека нападот е „обид да се расипе сѐ што е постигнато во претходниот период на европскиот пат и додаде дека Србија нема право да им допушти на екстремистите и терористите да мислат дека можат да управуваат со државата“.