1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Останува 30 јуни за предавање на власта во Ирак

Американскиот претседател Џорџ Буш и германскиот канцелар Герхард Шредер телефонски разговараа околу планираната резолуција на Обединетите нации за Ирак.

Телефонски разговор Шредер-Буш

Телефонски разговор Шредер-Буш

Буш притоа побарал германска поддршка за американско-британскиот предлог, изјави претставник на Белата куќа, додека од германската влада е соопштено само дека разговорот бил суштиснки и конструктивен. Шредер нацрт-резолуцијата ја оцени како добра основа, но подеднакво како и Франција и други земји, предложи подобрувања. Американскиот претседател Буш, инаку, во говорот по повод денот на сеќавањето на жртвите од војните, призна дека војната против тероризмот што ја започна неговата администрација, зеде голем данок во животи на американските војници.

На церемонијата одржана на националните гробишта во Арлингтон, Буш потсети на акциите во Ирак и Авганистан кои ја направија Америка, како што рече, посигурна:

“Низ целата наша историја Америка одеше во војна знаејќи ја нејзината цена. Војната против тероризмот што ја водиме денес исто така има висока цена. Од времето кога нашата нација беше нападната ние го гледаме каракетрот на мажите и жените што ја носат униоформата на нашата земја. Во местата како Кабул и Кандахар и Мосул и Багдад ги видовме нивната чесност и храбриот дух“, рече Буш.

Во меѓувреме ирачкиот владин совет го одложи номинирањето на новиот преоден претседател и со ова прашање повторно ќе се занимава денеска. Според агенцијата АФП, Американците ги одбија двајцата досега спомнати кандидати. Ниту претседателот на советот Гази ел Џавар, ниту Аднан Пачачи не можат да бидат номинирани, изјавил за агенцијата претставник на американската армија во Багдад.

Еден месец пред планираното предавање на власта во Ирак во битки и напади се убиени повеќе од 25 лица. Од експлозија на бомба во Багдад вчера загинаа најмалку четворица. Во Куфа американските војници убиле 20 приврзеници на радикалниот свештеник Моктада ел Садр. И покрај се, шефот на генералштабот на американската армија Ричард Мајерс изјави дека останува планираното предавање на власта врз Ирачаните на 30 јуни. Меѓутоа, останување на американските војници во Ирак и по тој датум е неопходно за да се гарантира безбедноста во земјата, изјави Мајерс:

“Сметаме дека сме на пат кон транзицијата и тоа не подоцна од 30 јуни. Улогата на коалицијата ќе остане во напорот да се обезбедат безбедни услови што ќе му овозможи на Ирак да развие политички структури, услови за избори и устав, како и обнова на инфраструктурата“, подвлече Мајерс.