1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Остав“ за министерот или „напред“ за кампањата?

Политичарите ги лоцираат мотивите за протестите во злоупотребата на меѓуетничките односи за изборни политички цели, а адресата на одговорноста сите ја префрлаат кон политичките опоненти.

Комуналните служби се покажаа побрзи од политичките елити. Тие уште синоќа го расчистија „учинокот" од насилството на учесниците во вчерашните протести, а политичарите се' уште лицитираат дали вистинските мотиви за протестите навистина е именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана или тоа е само параван за незадоволство од нешто друго.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski

Владо Бучковски

Поранешниот премиер Владо Бучковски, во чиј мандат Талат Џафери беше избран за заменик-министер за одбрана, во последните настани гледа комбинација на ефектите од кризата и почеток на кампања за локалните избори.  „Изборот на Талат Џафери за министер за одбрана 12 години по војната од 2001 година, е наводен, нов повод за безбедносна дестабилизација, а всушност вистинскиот повод е нешто сосема друго. Тоа е политичката криза и кампањата за локалните избори. На дневната политичка агенда намерно се враќаат меѓуетничките тензии, за да се соберат на ситно политички поени. Сметам дека ова е опасна игра за евроатлантската иднина на Македонија", предупредува Бучковски. Тој потестува дека и во 2004 не било лесно командантот на 116. бригада на паравоената ОНА да биде предложен за заменик-министер.

„Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираше и обвинуваа за предавство со изборот на 'командантот Форина' за заменик-министер за одбрана", потсетува бившиот премиер. Графити низ Скопје со коментар „бУЧKовски", иако избледени, и денес сведочат за тоа време.
 

Исти обвинувања, различни адреси

На индиции за поинаква позадина на протестите, вчера сугерираше и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која од собраниската говорница изрази жалење за потпалувањето на меѓуетничките односи во Македонија.

  „Секогаш нешто се случува кога кога сме пред извештај на ЕУ или пред избори. Има порачувам на граѓаните да не се вплеткуваат во политички сценарија на нивна штета", предупреди таа.

Партиите во албанскиот блок, ДУИ и ДПА, вчера разменија жестоки обвинувања за тоа кој е одговорен за последните инциденти, по што опозициската ДПА го напушти Собранието, испраќајќи ја владејачката коалиција „во мајчината". 

Според Алајдин Демири, професор на Штуловиот Универзитет, вчерашните изливи на албански национализам се одбранбен механизам за она што се случува последните денови, а власта е најодговорна за тоа.

„Претходно имаше протести од 'Достоинство' и од хулигански групи, но впечаток е дека тие се заштитениот дел на институционалниот национализам. Ова што денес се случува е резултат на користењето на меѓуетничките тензии од страна на владата и нејзиниот вокабулар пред електоратот, во стилот - ние победуваме и ќе го ништиме поинаквото, различното. Ако се земе предвид дека е на повидок решение за северот на Косово и дека одреден албански национализам ги преминува границите, над Македонија се надвиснати црни магли. Одговорноста е кај ДУИ, а уште повеќе кај ВМРО-ДПМНЕ", посочува Демири. 

Според него, ако Албанците се чувствуваат загрозени во Скопје и во некои други општини, а Македонците се чувствуваат загрозени во Тетово, Гостивар, Кичево или Струга, тоа е реален проблем со кој актуелната политиката итно треба да се занимава.

Mazedonien gewaltsamer Protest albanische Minderheit Polizei

Скопје 01.03.2013

Се крчка ли нов закон?

Дел од аналитичарите веќе оценија дека последните настани се рефлексија на 2001 година и на фрустрација на еден дел од општеството кое' се уште не се помирило со Рамковниот договор, односно, се работи за учесници во конфликтот од двете страни, чиј статус до денес не е решен. Дали е на повидок нов закон со кој ќе се стави крај на антагонизмите?

Неделникот „Граѓански" пред две недели објави дека владините партнери на високо партиско ниво водат преговори за ново законско решение со кое ќе бидат опфатени „двете страни" од конфликтот во 2001 година. Во ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат веста. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, вели дека нема информации дали се водат преговори на таа тема, но потсетува дека такво законско решение е обврска за Македонија. 

„Такво решение е обврска и од Мајскиот договор од 2007 година, од владиниот Извештај за спроведување на Рамковниот договор и од последниот Извештај на Европската комисија за Македонија", потенцира Османи.

Skopje 2014 Gebäude der Regierung

Влада на Република Македонија

Во владиниот Извештај за спроведување на Рамковниот договор пишува: „Владината програма предвидува подготовка на закон со кој ќе се регулираат правата на инвалидите и на семејствата на загинатите во конфликтот во 2001 година. Се очекува законот да ги реши социјалните права на инвалидите и на семејствата на убиените во 2001 година, што ќе помогне за спроведување на одредбите од анексот Ц на Охридскиот рамковен договор".

Извештајот е подготвен како дел од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕК, лани е усвоен од Владата, а пофален е од ЕК како една од основите за позитивниот Извештај на Комисијата за Македонија за 2012 година.

„Односите во Владата беа погодени од различните гледања за статусот на жртвите од конфликтот во 2001 година. Коалициските партнери треба да го насочат својот дијалог за да најдат решенија и да обезбедат стабилност. Комисијата за труд и социјална политика продолжува да дискутира за опфатот на поддршката за жртвите од конфликтот во 2001 година во законот за бранителите, предложен од Владата. Треба да се најде заеднички прифатливо решение, кое ќе го олесни помирувањето, врз основа на неодамнешниот владин Извештај за Рамковниот договор", пишува во Извештајот на Европската Комисија.

Од ДУИ го повторуваат ставот дека не бараат изедначување на статусот на бранителите - припадници на безбедносните сили со припадниците на некогашната ОНА, туку решавање на социјалниот статус и на „втората страна" од 2001 година.