1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ослободителна пресуда

Денеска во италијанскиот град Агригент е донесена ослободителна пресуда за поранешниот претседател на германската хуманитарна организација Кап Анамур, Елијас Бирдел. Тој беше обвинет за помош во илегално доселување.

default

Елијас Бирдел, поранешен претседател на „Кап Анамур“

„За мене ова обвинение е исто толку бесмислено, како да ми се префрла за сексуална злоупотреба на деца, или пак за криумчарење дрога“, вели поранешниот претседател на организацијата „Кап Анамур“, Елијас Бирдел.

Настанот за кој тој одговараше пред италијанскиот суд во градот Агригент на Сицилија се случи во јуни, пред пет години. Бродот на оваа германската хуманитарна организација случајно се нашол во водите блиску до италијанскиот град Лампедуза кога видел чамец со 37 бегалци од Африка, кој почнал да тоне. Бродот „Кап Анамур II“ ги спасил бегалците и против волјата на италијанските власти ги однел на копно во Сицилија. Италијанската влада аргументираше дека бегалците требало да бидат пренесени на Малта, бидејќи биле спасени во нејзините територијални води.

Политички процес?

Елијас Бирдел беше песимист и сметаше дека ќе биде осуден. Откако ја слушна ослободителната пресуда рече дека е тоа вистинска сензација и дека пресудата е важна за сите кои прават добро.

Cap Anamur wird freigegeben

Бродот на хуманитарната организација „Кап Анамур“ закотвен пред Порто Емпедокле во Италија

Ослободен е и капетанот на бродот, Штефан Шмит. Адвокатот Аксел Наглер уште пред објавувањето на пресудата даде оптимистичка оценка: „Сметам дека ќе има ослободителни пресуди, бидејќи тоа мора да биде така според правилата на правото. Тоа што воопшто се води судски процес, веќе тоа е политика. Тоа е израз на политиката на зачаурување на ЕУ во однос на Африка и на луѓето кои доаѓаат од таму!“

Кршење на Женевските конценвии

Слична беше и проценката на капетанот на бродот Штефан Шмит, чиј брод во меѓувреме е веќе продаден: „Сметам со ослободителна пресуда. Да стануваше збор за чисто правен случај, ние веќе одамна ќе бевме ослободени. Со овој процес треба да им се влее страв на капетаните на бродовите, за да не спасуваат бегалци. Знам за неколку случаи, во кои сопствениците на бродовите им рекле на капетаните дека е подобро да се прават дека не ги гледаат и да не ги спасуваат бегалците“, рече тој неодамна.

Тоа пак би било кршење на правилата на Женевските конвенции за бегалци, бидејќи луѓето кои бегаат имаат право да поднесат барање за азил. Во меѓувреме, истото Јавно обвинителство во градот Агригент води истражна постапка поради тоа што службите на пограничната и на финансиската полиција, по налог на италијанското Министерство за внатрешни работи, веќе враќаат бродови со бегалци на отворно море и ги принудуваат да заминат за Либија.

Автор: Штефан Трендле/дпа/Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска