1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Оскарите почнаа неспектакуларно

Холивуд е на нозе - утре (24.02) се доделува најпрестижната филмска награда Оскар. Ѕвезди и ѕвездички на црвениот тепих, гламур и сјај - така изгледа манифестацијата денес. А се‘ почна прилично неспектакуларно.

Триесетина филмаџии во јануари 1927 година во Лос Анџелес, на заедничка вечера, донесоа одлука да ја основаат Academy of Motion Picture Arts and Sciences. Две години потоа почна доделувањето на Оскарите.

Неспектакуларно

Првото доделување на наградите, на 16 мај 1929 година, беше сосема неспектакуларно. На банкетот во хотелот Рузвелт во Холивуд беа присутни околу 270 гости. Билетите можеа да се купат за само пет долари. Имаше многу говори, но речиси немаше изненадувања, зашто добитниците на Оскарите беа познати со месеци. Претседателот на Академијата Даглас Фербенкс ги врачуваше наградите кусо. Првиот Оскар воопшто отиде во рацете на Емил Јанингс. Тој до денес е единствениот германски актер кој добил Оскар.

Непланирано

На целата церемонија на доделување на Оскарите, во 85-годишната историја, сами три пати се случија непланирани нешта. Во 1938 година Лос Анџелес беше поплавен, па доделувањето мораше да биде одложено една недела. Во 1968 година гала церемонијата се одржа на 10 април, односно два дена подоцна од планираното. Причина беше убиството на борецот за човекови права Мартин Лутер Кинг, кој беше погребан на 9 април. Поради атентатот врз американскиот претседател Роналд Реган пак, во 1981 година шоуто беше одложено за еден ден. Реган го преживеа нападот со тешки повреди.

Неверојатно

Неверојатно голем беше интересот на јавноста веќе за второто доделување на Оскарите, во 1930 година. Првпат една радио станица вршеше пренос во живо од доделувањето во Лос Анџелес. До 1943 година, церемонијата се одржуваше во рамки на еден банкет во различни хотели, но бројот на гостите толку се зголемуваше, што мораше да се бара нова локација. Шеснаесеттото доделување на Оскарот во 1944 година првпат се одржа во Грауманс Чајниз Театар, објект во стилот на кинеска пагода, отворен во 1927 година на Холивуд Булевар.

Неограничено

Техничките средства со кои настанот денес се пренесува во цел свет се неограничени. Доделувањето првпат беше пренесувано на телевизија во 1953 година, а во боја од 1966 година. Прво шоуто можеа да го гледаат само Американците и Канаѓаните, а од 1969 година церемонијата се пренесува и во други земји.