1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Осиромашените гастарбајтери

Постарите странци, кои живеат и повеќе години работеле во Германија, повеќе се погодени од сиромаштија отколку германските државјани. Појавата е позната одамна, но проблемот сега е актуелизиран.

Езер Гоклер е голем исклучок. 65-годишниот Турчин во Германија дошол во 1969. година, научил германски, положил матура и студирал економија. Како дипломиран економист многу години работел како контролор во големи фирми и подоцна основал своја фирма. Уште рано тој вложил пари во недвижнини.

„Затоа денес не морам да плаќам кирија и со приходите можам да ја удвојат мојата пензија од 1200 евра“, раскажува Геклер. Тој со ова е исклучок, зашто според статистиката, на многу доселеници во негова возраст им оди полошо - тие едвај да имаат за живот.

Работна сила за стопанското чудо

Во 1960-те и 1970-те години во Германија се доселија милиони луѓе од Јужна и Источна Европа. Мнозинството дојде за да избега од сиромаштијата во татковината. Стопанството во Германија цветаше и имаше потреба од работна сила. Германија долго привлекуваше мигранти, кои тогаш беа наречени гастарбајтери. Примамени од изгледите за подобар живот, тие работеа во железарите или во рудниците, кај автомобилските производители и во големите кујни. Само малкумина достигнаа благосостојба. Најново објавена студија на Институтот за економија и социјални науки на фондацијата Ханс-Беклер покажува - денес повеќе од 40 проценти од мигрантите во пензионерска возраст се погодени од сиромаштија. Со тоа стапката на сиромаштија кај постарите странци е трипати поголема отколку кај германските државјани. Како сиромашен, односно загрозен од сиромаштија, според дефиницијата во ЕУ, се смета оној кој на располагање има помалку од 60 проценти од просечниот приход. Кај самците во Германија тоа значи, мора да излезат на крај со помалку од 848 евра месечно. Кај паровите тоа изнесува 1278 евра месечно. Со студијата не се опфатени само самци, туку и парови и големи семејства.

Eser Göklur

Есер Геклер

„Едно домаќинство може да биде целосно или воопшто да не биде сиромашно. Ако имате две лица, од кои едното располага со повеќе од 848 евра, а другото нема ништо, тогаш двете се сиромашни“, вели Ерик Зајлс, автор на студијата.

Лошо платени и побрзо без работа

Научникот гледа три причини за посебно високата сиромаштија во старост кај мигрантите: „Оние кои стигнале овде, биле вработени во големи фирми, кои по тенденција подобро плаќаат, но извршувале таму едноставни, нискоквалификувани дејности. Тие по правило се послабо платени“. Второ: во 1980-те години, кога во индустријата се затворале многу работни места и секторот на услужни дејности бележел бум, биле отпуштани пред се‘ странци. Затоа стапката на невработеност кај мигрантите е далеку над онаа кај Германците. Трета причина, според Зајлс, е фактот што странците „претставуваат целосно занемарлив удел во администрацијата, која вообичаено не е воопшто погодена од сиромаштија на старост“.

Кон тоа доаѓа, вели социологот, тоа што многумина странци во Германија стигнувале како постари возрасни и затоа имаат прекината „професионална биографија“. Тие доаѓаа од земји во кои цвета црниот пазар. За првите години од своето вработување без социјално осигурување тие често не добиваат ништо“.

Расте бројот сиромашни странци на старост

Тешката ситуација на мигрантите во пензионерска возраст не е ништо ново. Уште во 2006. година излезе студија на Германскиот институт за економски истражувања која укажа на зголемена сиромаштија кај постарите мигранти. Но, она што е оттогаш драстично променето, е бројот на засегнатите, истакнува Ерик Зајлс.

„Бројот странци со старечка сиромаштија од 170 илјади во 2006. година до денес порасна на околу 270 илјади“.

А бројката веројатно уште ќе расте, вели Зајлс во разговор за Дојче веле.

За да се заштитат идните генерации мигранти од старечка сиромаштија, Германското пензиско осигурување во покраината Баден Виртемберг во 2009. година, заедно со повеќе добротворни организации и Министерството за интеграција, започна голем проект.

„Со нашите курсеви за обезбедување во периодот на старост речиси не опфативме мигранти, и затоа ја развивме мрежата НЕМИГУСС, мрежа за мигрантите и социјалната сигурност“, вели Андреас Шварц, раководител на Германското пензиско осигурување во Баден Виртемберг и прв човек на НЕМИГУСС.

Migranten Senioren Deutschland

Сениори со странски корени во Германија: често недоволно социјално осигурани

Овде за финансиското и медицинско обезбедување на старост посебно треба да бидат информирани трите најголеми групи мигранти: Турците, Италијанците и Грците.

„Системот на социјално обезбедување е многу комплициран. Ние нудиме семинари, на кои на луѓето содржините им ги претставуваме на многу едноставен начин. Освен тоа, учесниците имаат можност да поставуваат прашања на нивниот мајчин јазик“.

Првите курсеви на НЕМИГУСС беа одржани во 2012 година со добар одѕив, како што вели Шварц. Слични системи има и во другите покраини. Но, тие не добија толкав публицитет, а на сојузно ниво се‘уште недостига соодветна информативна кампања.

Бесплатните семинари за финансиско обезбедување на старост се достапни преку Министерството за интеграција во Баден Виртемберг. Корисници, според Шварц, се културни друштва, мигрантски организации и синдикатите. Но, секој може да се пријави:

„Тогаш доаѓа некој од нашите партнери, кој е во состојба да одговара на соодветниот мајчин јазик“, вели Шварц.

Многумина од срам не одат во Службата за социјална помош

На денешните мигранти во пензионерска возраст НЕМИГУСС веќе не им користи. Понекаде навистина постојат групи за самопомош за сиромашните мигранти, но тие се најчесто исклучок. На сиромашните пензионери - странци им останува само патот до Службата за социјална помош и барањето за т.н. основно обезбедување, ако нивната пензија не им стасува за живот. Ако тоа го прават сите кои имаат право на поддршка, бројот на сиромашни мигранти во пензионерска возраст ќе биде повисок отколку што е тоа денес, вели Ерик Зајлс. Неговата теза: странците уште повеќе од Германците се срамат да бараат помош во Службата за социјала.