1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Осама Бин Ладен - од градежник до терорист

Шефот на терористичката организација Ал Каеда, Осама Бин Ладен, е убиен, објави американскиот претседател Обама. Информацијата ја потврди и пакистанската тајна служба. Кој беше државниот непријател број еден на САД?

default

Секој го познаваше, но ретко кој го има сретнато. „Најопасниот терорист во светот“, како што го нарекуваат Американците, зад себе остава стереотипи; турбан на главата, тесно темно лице и ретка брада. Познат беше неговиот глас, од безбројните видео и тонски снимки, во кои ги претставуваше западните политичари како лицемерни:

„Додека вашите авиони и тенкови ги уништуваат покривите над глава на нашите луѓе и деца, во Палестина, во Ирак, во Авганистан, во Чеченија и во Пакистан - ни‘ се смеете в лице и велите: ’Не го напаѓаме исламот, не! Ги напаѓаме терористите и повикуваме на мирна коегзистенција, на дијалог наместо на борба меѓу културите!’ Меѓутоа реалноста покажува дека лажете. Западните политичари бараат дијалог заради дијалог, не‘ земаат под рака само за да добијат време. Не сакаат примирје туку, наша капитулација“, велеше Бин Ладен.

Тој имаше ригдина и своеглава претстава за тоа што е правилно, а што погрешно, за праведноста и неправедноста, која со ништо не можеше да се поколеба. Воедно имаше пари и моќ на убедување, за да придобие илјадници поддржувачи на неговите претстави.

Осама Бин Ладен беше познат од безбројните видео и тонски снимки

Осама Бин Ладен беше познат од безбројните видео и тонски снимки

Како беше формирана Ал Каеда?

Синот на еден од најбогатите претприемачи на Саудиска Арабија уште на 15 години стана еден од раководителите на семејната империја. Паралелно студираше градежништво. Во 1982 година, по налог на саудиските тајни служби, замина во Авганистан, кој во тоа време беше под советска опсада. Негова задача беше да изгради патишта за дотур, тунели и тврдини за движењето на отпорот на муџахедините. Кога на почетокот на 90 години се врати во Саудиска Арабија, јавно го осуди присуството на американски трупи во неговата земја, го нарече „обесчестување на светите места“ и побара формирање на „Божја држава“. На крајот беше протеран од земјата и го загуби државјанството - уделот кој му припаѓаше од имотот на татко му меѓутоа го зеде со себе. Замина за Судан, но откако САД издејствуваа да биде протеран, се врати во Авганистан. Заедно со египетскиот лекар Ајман ал Завахири ја формираше мрежата „Ал Каеда“ во превод „база“. Ал Каеда планираше напади во Јемен, во Сомалија и Саудиска Арабија, и на крајот и во САД.

Наместо луксуз, строго практикување на Коранот

Во една видео-снимка, објавено подоцна, Осама Бин Ладен бараше и поддршка за еден од најлошите терористички напади во историјата: уништување на Светскиот трговски центар во Њујорк и нападот врз Пентагон на 11 септември 2001 година. Според официјални податоци, во нападот загинаа околу 3000 луѓе.

Нападите од 11 септември го променија светот

Нападите од 11 септември го променија светот

Овој терористички напад беше истовремено почеток на меѓународната борба против тероризмот. Три месеци подоцна, воената алијанса, предводена од САД, со мандат на ОН, го урна режимот на талибанците во Авганстан. По Осама Бин Ладен се трагаше, но никогаш не беше фатен. Од време на време шефот на терористичката организација се јавуваше преку видео или тонски снимки, ги читаше неговите пораки, секогаш исти, за т.н. „света војна против неверниците“ и ги фалеше исламистичките атентатори, кои во Лондон, Мадрид и Ирак изведуваа напади во негово име.

Заробен во своите фанатично-религиозни убедувања Осама Бин Ладен се одлучи против луксузот во Саудиска Арабија и се обиде во пустината на Авганистан строго да го практикува Коранот, како што тој го разбира, водејќи борба против сите кои не го споделуваа ова убедување.

Автор: Естер Сауб / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска