1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Орканот „Ксавер“ продолжува да беснее

Северна Германија е сѐ уште под налетот на орканот „Ксавер“. Има повеќе повредени од невремето и материјални штети. Но, другите земји од Северна Европа се уште попогодени.

Силните големи бранови на Северното Море утрово, како и цела ноќ, ги ставаат на проба браните и насипите подигнати за заштита, силната бура и ветрот предизвикаа пад на дрвја и оштетија повеќе објекти. Кон ова доаѓаат и врнежите од снег, предизвикани од студениот поларен воздух - Северна Германија е сериозно зафатена од орканот „Ксавер“. Ветрот достигнал брзина од 185 километри на час. Но, засега не се регистрирани поголеми штети на островите. Нивото на водата во Хамбург достигна 6,09 метри над нормалата. Ова беше очекувано, па надлежните служби навремено издадоа предупредување. Во меѓувреме водата почнува да опаѓа. Градот, за разлика од 1962. година овојпат е подобро опремен со брани и безбедносни прегради против водата. Поради орканот е во прекин дел од железничкиот сообраќај, Луфтханза откажа бројни летови од Хамбург. Училиштата во покраините Шлезвиг Холштајн, Бремен и Хамбург денеска се затворени.

Во силното невреме со урагански ветрови, кое вчера прво ја погоди Велика Британија, а потоа покрај Германија и скандинавските земји, загинаа пет лица, десетици илјади домови останаа без струја, а беше запрен и железничкиот и поморскиот сообраќај, додека авиосообраќајот се одвиваше со задоцнување.

Deutschland Wetter Orkantief Xaver

Познатиот пазар за риби во Хамбург е под вода

Метеоролозите предупредуваат дека бурата „Ксавер“ би можела да биде најсилната која го погодила континенталниот дел на Европа во последните години. Британските власти соопштија дека е поставена бариера на реката Темза за да го заштити Лондон од поплави поради силната морска плима. Две лица загинаа во Шкотска при удар на ветрот со брзина до 225 километри на час. Возач на камион го загуби животот, а четворица се повредени кога возилото се превртело и се судрило со друго возило во централниот дел на Англија, каде од невремето починало уште едно лице.

Повеќе од 100.000 домаќинства ширум Велика Британија останаа без струја. Од нафтените платформи во Северно Море беа евакуирани луѓето и производството беше прекинато, а возовите не сообраќаа во Шкотска. Спасувачки екипи биле повикани да се вклучат во акциите за спасување на луѓе во северен Велс, а 15.000 лица биле евакуирани од источниот британски брег.

Полицијата во западниот дел на Данска соопшти дека 72-годишна старица починала кога комбито, во кое се наоѓала, се превртело од невремето.

Некои училишта во северниот дел на Холандија порано од предвиденото ги распуштиле децата поради невремето. Во Шведска исто така биле откажани неколку внатрешни летови. Патниот и железничкиот мост Оересунд, кој ги поврзува Шведска и Данска, беше затворен, а во прекин беа и неколку шведски железнички линии. Истовремено и траектите кои сообраќаат на линиите кои ја поврзуваат Германија со Шведска и Данска беа откажани поради невремето.