1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Оптимизам и покрај проблемите со составот

Бајерн Минхен денеска во Лион го игра реванш полуфиналниот натпревар во Лигата на шампионите против домаќинот Олимпик. Минхенчани дома славеа со 1:0, но во Франција ќе им недостасуваат неколку клучни играчи.

default

Сцена од натпреварот во Минхен , во кој Бајерн победи против Олимпик Лион со 1:0

Бајерн Минхен повторно сака да биде прифатен како еден од големите клубови во Европа. Шансите се добри. За првпат по триумфот во 2001 година баварците повторно можат да стигнат до финалето на Лигата на шампионите, се разбира доколку денеска остварат поволен резултат во Лион. „Верувам дека волјата кај нас е голема. Имаме огромна шанса, која се разбира би морале да ја искористиме. Верувам дека тоа за нас е многу голема и силна мотивација“, изјави играчот од средниот ред Бастијан Швајнштајгер.

Битно е да се даде гол

Fußball Champions League Halbfinale 2010 Bayern München Olympique Lyon

Ѕвездата во тимот на Баварците Франк Рибери доби црвен картон на мечот во Минхен и нема да настапи во Лион

Победата од 1:0 од првиот натпревар против седумкратниот француски шампион е добар резултат, смета претседателот на управниот одбор на клубот, Карл Хајнц Румениге. „Ако дадеме еден гол, тогаш противникот мора да даде уште три. А тоа сигурно нема да биде лесно против нас.“

Олимпик имаше шест дена, за во мир да се подготви за реваншот, наспроти Бајерн кој се’ уште се натпреварува на три фронта во Бундеслигата, во Купот на Германија и во Лигата на шампионите: „Тоа е всушност неверојатно. Ние имаме огромна програма зад нас, а се’ уште сме во игра“, вели тренерот Луис ван Гал.

Напорната програма сепак остави траги кај баварците. Имено, не се знае дали во Лион ќе можат да играат повредените одбранбени играчи Даниел ван Бојтен и Мартин Де Микелис. Поради болест ќе недостасуваат и голгетерот Мирослав Клозе и Анатолиј Тимошчук, како и Даниел Прањиќ поради три жолти картони и суперѕвездата Франк Рибери, поради црвениот картон од првиот натпревар со Олимпик.

Бајерн докажа дека може да се врати од негатива

Champions League FC Bayern gegen Olympique Lyon

Дали повторно ќе проработи магичниот Арјен Робен?

Капитенот Марк ван Бомел меѓутоа верува дека можните проблеми во одбранбениот ред поради евентуалното отсуство на Ван Бојтен и Де Микелис, како и во претходните реванш натпревари против Фиорентина и Манчестер Јунајтед, ќе мора да ги надоместат напаѓачите. „Па добро, примивме неколку голови на гостински терен. Но, двапати се вративме во игра. Сеедно дали ќе примиме шест гола, ако дадеме пет јас сум задоволен.“

Играчите и раководството на клубот од Минхен веруваат дека заслужуваат пласман во финалето што ќе се одигра на 22 мај во Мадрид.

Во вториот полуфинален двомеч, меѓу бранителот на титулата Барселона и Интер на македонскиот репрезентативец Горан Пандев, реваншот се игра утре во Шпанија. Италијанците победија во Милано со 3:1.

Автор: Штефан Нестлер/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска