1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Оптимизам за 2012-тата

За Македонците кои живеат во Берлин новата 2012-та ќе биде година на промени. Очекуваат здравје и надминување на кризата, но и отворање на евроатлантскиот пат за Македонија.

Како многу берлински семејства, така и Македонците кои живеат во престолнината, времето меѓу овдешниот Божик и Новата година го искористија за кус одмор. Многумина со кои сакавме да разговараме едноставнои беа недостапни и надвор од Германија. Неколкумина, затекнавме на бреговите на Источното море, а само два-тројца беа во своите берлински домови. Како и да е, кога е во прашање 2012-та, безмалку сите на новото лето гледаат со оптимизам и без стравови.

Најважно е здравјето!

Павле Кузмановски е машински инженер во пензија. Го изненадивме и се одзва на нашиот разговор како кажа пред да го испие и првото домашно кафе по неделниот одмор.
„Како што наликува на постарите, па така и јас како пензионер имам пред се’ една желба за Новата година: да не‘ служи здравјето, мене и целото мое семејство. Се’ друго е споредно! Без се’ друго може да се излезе на крај. Да поживееме и да им се порадувамне на децата и внуците кои се де факто суштината на нашето живеење“, вели Павле. Според него, економската криза од последнава година не е само европска, туку светска и многу, многу поголема отколку што многумина сметаат.
„Не дека сум песимист, но имајќи ги предвид досегашните процеси, таа ќе потрае и ќе има и уште потешки моменти за сите. Овие системи кои се

Pavle Kuzmanovski

Павле Кузмановски: Здравјето и семејството најважни од се’

востановени создават се’ поголеми разлики меѓу богатите кои стануваат се’ побогати и сиромашните кои го допираат дното. Ќе мора да има некакви промени и ќе мора да има поголема солидарност меѓу оние кои се многу горе и оние кои се сосем долу. Се’ додека ова не се реши и не се постигне хармонија, нема да биде можно заедничкото живеење и вистинскиот мир. Не мислам дека комунизмот мора да надвладее, но неопходен ќе биде некаков баланс меѓу луѓето и природата. Дали токму во 2012-та нешто и ќе се помести, не знам, но знам дека не може вечно се’ да функционира како досега. Но, пак ќе речам: прво и основно што од 2012-та очекувам е здравје за мене и моите најмили“.

Се’ ќе биде добро!

Иво Денкоски, раководител на столарската работилница која од поодамна самиот ја основал, е во петатата деценија. Оженет, со два сина, како вели, секогаш гледа само позитивно нанапред. Па така и во 2012-та година.
„Јас сум вечен и непоправлив оптимист. Се’ ќе биде добро! Само здравјето да не‘ служи и се’ ќе оди нанапред! Што се однесува до Македонија, се надевам дека конечно во мај во Чикаго ќе станеме дел од НАТО. Мислам дека е крајно време и спорот околу името да се реши, со што би стартувале и пристапните преговори за членството во Европската унија. По ова прашање претполагам дека Грција ќе биде притисната од ЕУ и САД и дека после пресудата од Хаг не ќе има каде и ќе мора да попушти“, смета Иво Денкоски.

Ljubica Dahlenburg Farmareferentin mazedonischer Abstammung

Посигурна работа, но и лек против ракот - посакува во 2012-та Љубица Даленбург

Љубица Даленбург е Скопјанка од првата генерација Македонци кои стигнале во Берлин. Долго години работи како претставник за продажба на лекови за различни фармацевтски фирми. За 2012-та и Љубица има оптимистички очекувања:
„Прво здравје за целото семејство, посигурна работа со повеќе пари и почесто видување со своите во татковината. Посакувам да има вистински мир во светот и стабилен пат на Македонија кон посакуваното членство во Унијата и НАТО. Сметам дека интегрирањето е процес и потребно е трпение и работа. Што се однесува до економската криза и еврото, оптимист сум дека работите полека ќе се стабилизираат и економијата нема да го допре дното. Имам и една посебна желба која не е лична, ни професионална, туку се однесува пред се’ на целото човештво: посакувам во 2012-та година конечно да биде пронајден ефинасен лек против ракот, болест која последниве години зема голем замав и во Македононија“, посакува Љубица Даленбург.

Приосперитетот отвора врати

Горан Кауфман-Димески од пред само неколку години живее во Берлин. По студиите по менаџмент во САД љубовта го донесе во германската престолнина. Речиси година беше на чело на црковната општина „Свети Климент Охридски“. Оженет е и моментно работи како генерален менаџер во Американската амбасада.
„ Да бидеме здрави и сите на број во 2012-та. Да даде Господ и дечиња во семејството“, вели Горан кој посакува добрини и за сите луѓе - „Оние кои имаат болки, истите да ги одболуваат, луѓето кои биле во кризи истите да ги надминат, да има многу радост и ведрина во сечиј живот“.

Кога е во прашање Македонија, Горан смета дека не треба по секоја цена да се инсистира на членството во НАТО и Унијата. Според него, важно е во земјата да има економнски прогрес, просперитет, да се намали невработеноста и луѓето да имаат убав живот.Кога земјата економски ќе зајакне, сите ќе и‘ ги отворат вратите. Секој ќе сака да има успешна членка во своето друштво. Затоа Горан вели во Македонија во 2012-та година главен збор треба да има сплотеноста на луѓето од различните националности која е предуслов за позитивната атмосфера. Таа пак, позитивност ќе ги привлече и странските инвеститори со што би се направил и решавачкиот замаец за прогрес и одлепување од сиромаштијата.

Aleksandra Todova die Vertreterin des Weingutes Bovin Negotino Mazedonien

Не е голем оптимист за решението на спорот со името-Александра Тодова

„Новата 2012-та година сметам дека нема да донесе многу промени во светот. Економската криза и шпекулациите на берзите сигурно и натаму ќе продолжат“, смета Александра Тодова, претставник на винарската визба Бовин од Неготино, која пораснала, студирала и сега работи во Берлин
„И во однос на Македонија не очекувам некакви големи и спектаклуларни промени. Конкретно спорот со името не гледам дека ќе биде надминат. Мислам дека за Македонците нешто би се подобрило само под услов ако Грција излезе од Унијата. Но, тоа е малку веројатно. Во принцип не верувам дека трвдоглавоста на јужниот сосед ќе попушти и работите ќе си останат главно во слична констелација како и досега. На приватен план ќе биде добро доколку остане ситуацијата од 2011-та“, шеговито дополнува Александра која сепак посакува повеќе патувања: во Африка или Далечниот Исток.

И малку соништа!


Bojan Trajanovski Student mazedonischer Abstammung

Бојан Трајановски во 2012-та чека диплома, добра пракса и преселба на неговиот тим „Зуд Вест“ во првата германска кошаркашка лига

Бојан Трајановски е 22 годишен студент по економија на Слободниот универзитет во Берлин. Негова страст е кошарката. Роден е во Скопје, но како четиригодишно дете со родителите се преселил во Берлин каде живее и денес. По природа динамичен и упорен Бојан има конкретни планови за 2012-та година.
„Во текот на наредната 2012 година сакам да ги завршам студиите и да реализирам повеќемесечна практика во некоја добра фирма. Иако светот го потресува финансиската криза ќе биде супер интересно искуство доколку успеам да добијам место во некоја фирма која работи на најголемата светска берза на Вол Стрит во Њујорк. Тоа е околу образованието, но имам очекувања и на спортски план. Моментно сум дел од екипата на ’Зуд Вест’ која игра во регионалната кошаркарска лига. На табелата сме први и моја желба е да стасаме во првата лига.Тоа би било нешто! Да играм со тимот во првата германска лига. Се’ ќе се знае до април, па така ќе имам можност да ги усогласам обврските на универзитетот со приватно-спортските амбиции.“, кажува Бојан Трајановски за Дојче веле.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Ж.Ацеска