1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Оптимизам за брзо решение за името

Грчката парламентарка Елза Пападимитриу, со другите грчки колеги ја поддржа резолуцијата на Собранието за безбедност и одбрана на ЗЕУ за решение за спорот за името, за деблокада на ЕУ и НАТО интеграцијата на Македонија.

default

Грчката парламентарка Елза Пападимитриу од редовите на опозиционата грчка партија Нова демократија, верува дека набрзо може да се очекува решение на спорот за името. „Се надевам и верувам, дека двете земји постигнаа напредок во насока на една географска одредница покрај името Македонија. Тоа никого не плаши, бидејќи двете страни можат да добијат многу со ова решение и пред се’ поранешната југословенска Република Македонија. Мислам дека тие веќе имаат постигнато договор. Тоа го чувствувам, бидејќи во спротивно американскиот претседател Обама немаше да рече дека се наоѓаме на една точка до решението.“

Пападимитриу притоа истакнува дека покрај финансиската криза со која се соочува Грција, тоа нема да ја направи послаба кога станува збор за одбрана на нејзините национални интереси, во случајов прашањето со името на Македонија.

EU Parlament in Straßburg Flash-Galerie

Таа изразува разбирање за стравувањата во Македонија дека промената на името може да го загрози идентитетот, но исто така обвинува дека по самостојноста на земјата: „на несериозен начин беа измислени некои историски настани, кои не му припаѓаат на словенското население на земјата, кое одамна се доселило на територијата на Македонското кралство.“

Ставовите на Пападимитриу, кои се ставови и на нејзината партија Нова демократија, не се разликуваат многу од тие на актуелната власт во Грција во однос на прашањето за името. „Грција го изоди својот дел од патот, бидејќи Грција прифати едно сложено име со присуството на името Македонија како дел од името на земјата.“

Таа не прифаќа забелешка дека Грција е таа која ја блокира Македонија на овај пат. „Не го прифаќам тврдењето дека Грција е таа која блокира. Не е Грција таа која блокира. Минатата година не е Грција таа која зборуваше за одлагањето на датумот, туку претседателот Саркози и другите. Караманлис и Бакојани тогаш зборува после нашите европски партнери.“

Грчката парламентарка притоа инсистира: „Европа е таа која што побара да и се стави крај на оваа приказна со името, што е во интерес на народот на поранешната југословенска Република Македонија.“ Таа е убедена дека денес решението на спорот за името е поблиску. „Јас сум оптимист за решението,“ додава Пападимитриу и потсетува дека двете земји еднаш биле на дофат на решение за спорот со името. „Можеби знаете дека двете земји имаа постигнато согласност земјата да се вика Славо-македонска Република. Но, на времето двете земји имаа политички стравувања од ова решение, што не чинеше многу скапо, и посебно другата страна.“

„Се надевам дека генерацијата на младите политичари и тие што имаат искуство ќе ја сфатат цената на вистинската демократија и наскоро ќе најдат решение за спорот. Решение, кое ќе ги почитува корените на историјата и перспективите. Мислам дека ќе завршиме многу наскоро со ова прашање,“ со овие зборови Елза Пападимитриу го заврши разговорот за Дојче веле.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM