1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Оптимизам во очи извештајот на Европската комисија

Во пресрет на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ, македонскиот државен врв се надева на позитивни сигнали од Брисел, кој би биле дополнителен поттик за решавање на спорот со Грција.

default

Оценката во извештајот на Европската комисија што ќе биде обелоденета денеска (14.10.09) може да има мобилизирачка улога за решавање на уште една пречка на евроатланскиот пат на Македонија, спорот за името. Државниот врв во Скопје се надева на позитивен извештај што ќе биде дополнителен мотив за компромис со Грција.

Иванов оптимист

Шефот на државата Ѓорге Иванов, кој синоќа го пречека претседателот на Естонија Томас Хендрих Илвес во официјална посета на Македонија, на заедничката прес

George Ivanov von VMRO DPMNE

Претседателот Ѓорге Иванов

конференција одговори дипломатски, но, невообичаено оптимистички на прашањето дали во наредниот период очекува дополнителен меѓународен притисок врз Скопје и Атина за надминување на долгогодишниот спор? „Да се надеваме дека ќе биде се позитивно. Тој позитивен сигнал ќе биде и позитивна енергија кон нас да најдеме конечно решение. Решението ќе биде компромис, тоа го кажавме. Вие знаете од она што досега се случуваше во Македонија и со реформите за НАТО и за визната либерализација и за одредниците кога добиваме конкретни задолженија ние го мобилизираме целото општество, сите институции работат со полн капацитет и резултатите се видливи така што тоа ќе биде мотив за да се најде решение. Секој позитивен сигнал ќе значи за Македонија да направи се’ да се дојде до решение што ќе биде взаемно прифатливо меѓу двете држави“.

Груевски подготвен за средба со Папанреу

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski

Премиерот Никола Груевски

Официјално Скопје очекува пофлескибилен однос кон ова прашање и од страна на новата грчка влада. Македонскиот премиер Никола Груевски изрази подготвеност за средба со неговиот грчки колега, на која директно ќе се бара решение.

Груевски смета дека решавањето на спорот е обрска на премиерите на двете земји. „Што се однесува до проблемот со името, ние правиме се’ што е во наша моќ и ќе продолжиме тоа да го правиме за да се изнајде одредено решение, и на некој начин наша обврска е да се бориме да најдеме решение. Се надевам дека и другата страна ќе го прави истото“, изјави Груевски.

Проценките на аналитичарите се дека во претстојниот период ќе се интензивираат активностите за да се постигне компромис или барем напредок што ќе овозможи Советот на министри во декември да ја потврди евентуалната денешна препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори и да определи датум.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска