1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Оптимизам во Македонија-местото на белата шенген листа е сигурно?

Во Скопје владее убеденост дека се исполнети сите услови за визна либерализација со ЕУ. Македонските челници се во акција на интензивно лобирање кај земјите-членки.

default

Ивица Боцевски

Во Скопје со нестрпливост, но и со нескриен оптимизам, се очекува извештајот од Брисел за визната либерализација, кои земји од Балканот ќе добијат шанса да се пробијат шенген-бариерите. Почнува и процесот на интензивно лобирање, тој политички документ на Европската комисија да се прифати од членките на Европската унија. Лобирањето е интензивно. Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски се во Словенија. Шефот на дипломатијата ќе патува во Прага и во Рим.

Боцевски: очекуваме укинување на визите на 1 јануари

Вицепремиерот Ивица Боцевски е оптимист: шенген бариерите ќе паднат на 1 јануари за Македонија:

„Република Македонија тука има поддршка од повеќето земји членки, посебно од земјите членки, кои што се најзаинтересирани за овој дел и кои ја кројат политиката во делот на безбедноста и во делот на миграциските текови“, вели Боцевски. Според него, францускиот претседател Саркози, неодамна, во разговорите со македонскиот премиер Никола Груевски, бил сосема јасен:

„Ставот на Франција беше јасен и недвосмислен, Република Македонија е прва од сите земји што влегоа во процесот на визна либерализација и дека во наредниот период од Брисел ќе стигнат добри вести во врска со ова прашање. Инаку, потпретседателот Жак Баро е член на највиското партиско раководство на УНП, партијата на Никола Саркози“. Евроминистерот Боцевски уште ја објаснува политичката технологија и тајмингот до конечната одлука на Советот на министри со кои ќе се симне шенгенскиот ѕид:

„Почнува политичката фаза. Најпрвин извештајот ќе го дискутираат меѓусебе земјите членки на Унијата, тоа ќе се случи некаде кон крајот на летото, крајот на јуни, или почетокот на јули, потоа ќе тече процедурата во Европскиот парламент и на крај Европскиот совет е оној кој што треба да ја потврди оваа одлука, што значи дека целиот овој процес треба да се затвори некаде во периодот помеѓу крајот на септември, во најоптимистичлка варијанта, и 1 јануари. “

Skopje Zentrum

Македонија предничи во исполнувањето на условите за визна либерализација

Без грижи околу евентуален пакет

Властите во Скопје не се премногу загрижени од најавите за балкански пакет околу визниот режим, заедно со Србија и Црна Гора, зашто Македонија реално ги исполни сите критериуми: нов и сигурен пасош, закони за азиланти и реадмисија, цврсти комјутерски контроли за влез и излез во земјата и централен информативен систем кој обезбедува заедничко управување со границите.

„Република Македонија се квалификуваше, она што ни станува за понатаму е да продолжиме со ова темпо на барање политичка поддршка, презентирање на нашиот случај и верувајте дека по презентацијата на ивештаите од Европската комсија ќе има се‘ помалку место за скептицизам, “ истакнува македонскиот вицепремиер Ивица Боцевски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM