1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Опомена од „Хјуман рајтс воч“ до САД

Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ во годишниот извештај го повикува новиот американски претседател Барак Обама да ја стави заштитата на човековите права во центарот на неговата политика.

default

Гвантанамо важи за симбол на кршењето на човековите права од страна на САД

При претставувањето на годишниот извештај, директорот на „Хјуман рајтс воч“ во Вашингтон Кенет Рот се обрати директно на адреса на новоизбраниот американски претседател, Барак Обама. Тој и неговата администрација треба да сторат се’ за да го вратат угледот на САД во светот:

„Американската влада на чело со Буш се претвори од заштитник на човековите права во нивен противник“ - нагласи Кенет Рот, појаснувајќи дека мисли на методите на Бушовата администрација во борбата против меѓународниот тероризам, кои вклучуваа измачување и затворање без судски процес. Таквиот пристап не само што беше нелегален, туку беше и котрапродуктивен, оценува Рот:

„Тој ги дискредитира САД по прашањето на човековите права и исто така им даде едноставно оправдание на диктаторите ширум светот за нивното кршење на човековите права.“

Kenneth Roth

Кенет Рот, директорот на „Хјуман рајтс воч“

Затворање на Гвантанамо

Кенет Рот бара од администрацијата на Барак Обама да го затвори озлогласениот затвор во Гвантанамо, при што за него не се поставува прашањето дали, туку само уште како:

„Од наша гледна точка затворениците од Гвантанамо треба да бидат пуштени на слобода или да им се суди во редовен судски процес...“

Директорот на „Хјуман рајтс воч“ исто така побара од новата администрација не само да ги прекине разните кршења на човековите права што ги практикуваше досегашната на Џорџ Буш, туку и да спроведе истрага за нив:

„Новата влада треба да свика независна, натпартиска комисија што ќе ги расветли сите кршења. Нејзина задача би било да утврди што точно се случувало на планот на непочитување на човековите права, да ги најде одговорните, како и‘ да даде предлози за тоа што треба да се стори за вакво нешто да не се повтори никогаш повеќе во американската историја.“

Загриженост за опозицијата во Русија

Russische Polizei mit Menschenrechtsaktivist

Руската полиција ги крши човековите права при протестите на опозицијата, тврди „Хјуман рајст воч“

„Хјуман Рајтс воч“ изразува загриженост и за состојбата со човековите права во Русија, каде припадниците на опозицијата се наоѓаат под голем притисок:

„Западот го дозволи ваквиот тренд, бидејќи му беше поважно да соработува со Русија во надминувањето на проблемите со Иран и Авганистан, а на Европа и’ беше важно да го обезбеди снабдувањето со гас.“

Проблеми има и во Куба, во Северна Кореја, Мјанмар и многу други земји. Се’ на се’, состојбата со човековите права во светот во 2008-та не се подобрила, заклучува „Хјуман рајтс воч“ во годишниот извештај.