1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Опомена до САД

Економската иднина на САД е мрачна, прогнозира реномираната рејтинг-агенција „Стандард и пурс“ и изврши корекција во изгледите за кредитоспособноста на Америка - од „стабилни“ ги преименува во „негативни.“

default

Првпат во историјата, САД се соочени со предупредување од страна на рејтинг-агенциите дека мора понапорно да работат во насока на консолидирање на државниот буџет. Иако актуелната оценка на американската економија се` уште гласи беспрекорни ААА, „Стандард и пурс“ не верува дека најголемото стопанство во светот го очекува блескава иднина, што најмногу се должи на огромните буџетски долгови.

„Ситуацијата со долговите на САД во моментов е се` уште релативно нормална, во споредба со останатите, исто така позитивно оценети земји. Меѓутоа, сведоци сме дека државните задолжувања продолжуваат да се зголемуваат“, изјави Дејвид Вајс од „Стандард и пурс“, една од највлијателните рејтинг-агенции.

Оттаму додаваат дека, според нив, не е на повидок договор меѓу американските демократи и републиканци околу Законот за буџет, кој треба да ги регулира државните долгови. Агенцијата уште предупредува дека ќе бидат принудени да го намалат и самиот рејтинг на американската економија, доколку во наредните две години не дојде до некакво придвижување на тој план. Тоа уште повеќе би ги поскапело кредитите за САД.

Портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни, изјави дека „Стандард и пурс“ ја потцениле способноста на политичките лидери во Вашингтон да постигнат договор околу санирањето на најголемите финансиски тешкотии на САД од триесеттите години на минатиот век наваму.

Белата куќа верува во решение

Ratingagenturen in der Kritik

Темна сенка врз одличниот рејтинг на САД

„Републиканците, демократите, претседателот - сите се согласни дека проблемот постои и дека мораме да сториме нешто за намалување на дефицитот. Сите се согласија дека целта е негово намалување за четири билиони долари, во наредните десет до дванаесет години. Тоа е мошне значајно“, нагласи Карни.

Меѓутоа времето работи против САД. Само годинава ќе се натрупаат нови 1.6 илјади милијарди долари долгови, на веќе постоечките 14 илјади милијарди.

Потегот на „Стандард и пурс“ за ревидирање на кредитоспособноста на САД во блиска иднина ги вознемири меѓународните берзи. На берзата во Њујорк, индексот Дау Џонс падна за 1.4 проценти, додека индексите во Лондон, Париз и Франкфурт го завршија денот со минус од два проценти. И пазарите за хартии од вредност во Токио, Хонг Конг, Сиднеј и Шангај ги почувствуваа последиците и реагираа со намалени вредности на индексите.

Автор: ТТ/ЖА/афп, дв

Редактор: Симе Недевски