1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Опозицијата го критикува новиот македонски амбасадор во Берлин

Новиот македонски амбасадор во Германија ќе им даде приоритет на економските релации меѓу двете земји, вели Корнелија Утевска Глигоровска. Опозицијата со критики за нејзиниот професионален бекграунд

default

Со амбиција да ги засили економските релации меѓу Македонија и Германија, новиот македонски амбасадор во Берлин заминува на новата должност. Корнелија Утевска Глигоровска од позицијата шеф на кабиентот на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски станува прв дипломат во Германија. Во презентацијата на платформата на дипломатските активности пред македонскиот парламент оцени дека Макеоднија има одлична соработка и пријателски односи со локомотивата на европското стопанство.

“Германија има стратегиски, политички и економски интерес за инвестирање во Југоисточна Европа, а нејзината поддршка за Македонија е долгорочна. Германија се зазема да ја поддржи Македонија при добивањето на кандидатскиот статус во ЕУ, а лани добивме силна поддршка и за визната либерализација. Во однос на членството во НАТО, Германија и дава подршка и признание на Македонија за спроведените реформи и за активното учество во мировните мисии во светот“, рече Утевска Глигоровска.

Опозицијата се сомнева во новата амбасадорка

Опозицијата сакаше да слушне што ќе направи амбасадорката за да ги врати политичките релации на Скопје и Берлин на нивото од пред 2006 година. Поранешниот премиер Владо Бучковски рече:

“Во овој момент официјален Берлин не гледа со симпатии на проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, а канцеларката Меркел смета дека било избрзано и влегувањето на Бугарија и Романија во Унијата и оти треба да престане проширувањето веднаш по приемот на Хрватска. Прашање е има ли можност да се промени нешто во германската политика и дали може да се направат напори за да се убедат сегашната Влада и Бундестагот за промена на политиката кон Македонија?“, рече Бучковски.

Vlado Buckovski und Gerhard Schröder

Поранешниот премиер Владо Бучковски смета дека односите со Германија одат во надолна линија. фото: средба Бучковски-Шредер во 2005 година

Главна забелешка на опозицијата е кои луѓе ќе ја претставуваат Македонија во еден од најважните центри на моќ во светот.

Германија е водечки трговски партнер на Македонија

Германија е меѓу водечките трговски партнери на Македонија Соработката е во постојан пораст со исклучок на периодот на стагнација од минатата година заради економската криза. Новата амбасадорка ќе се залага соработката да се врати на поранешното ниво зошто Геманија веќе излезе од кризата.

“Мојата задача ќе биде поголема промоција на македонските производи во Германија за нивна поголема застапеност на германскиот пазар, како и на условите кои земјава ги нуди за странските инвеститори со цел привлекување германски инвеститори. Во иднина ќе се работи и на интензивирање на веќе постојната соработка во економијата, земјоделството, туризмот, локалната самоуправа и внатрешните работи, како и на соработката меѓу збратимените градови“.

Новата амбасадорка нагласи дека ќе се залага за организирање настани на кои клубовите на македонските иселеници во Германија ќе можат да разменат искуства. Според неа во Германија има официјално околу 70.000 македонски иселеници, а неофицијално нивниот број е 120.000.

автор: Горан Петрески/Жана Ацеска

редактор: Борис Георгиевски