1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Опозицијата во напад

Македонската опозиција обвинува дека владата ги наведува како исполнети ветувања работите кои што допрва мисли да ги спроведе.

default

Македонскиот премиер, Никола Груевски, од денеска е во Италија, неговиот заменик Ставревски е во Баварија, министрите за одбрана и за надворешни работи, Еленовски и Милошоски, се во Атина и Рига. Тргнати по светот, тие не ќе можат да ги чујат остро интонираните критики на македонската опозиција, по владините самофалби за првите сто денови. Груевски вчера, во самопромоцијата на владиниот проект ”Преродба во сто чекори”, меѓу другото кажа:

”Обрнавме внимание на зајакнување и засилување на економијата. Како што гледате, кога ќе ги прашате граѓаните за нивните потреби, тие први ги кажуваат своите економски потреби – сопствената тешка ситуација, тешкиот живот, со кои што се соочуваат не само невработените, туку и многу од оние што работат. Вие знаете дека има многу луѓе што работат, но платите им се ниски. ”

Челникот на Либерално-демократската партија, Ристо Пенов, пак, оцени:

”Денешниот памфлет, кој што го има во сите пишувани медиуми и кој што имавме прилика да го видиме, укажува на тоа дека владата сеуште е во предизборна кампања и сите работи кои што мисли да ги донесе ги наведува како исполнети ветувања. Засега во парламентот нема никакви предлози за тие економски промени кои што тие ги ветуваат”.

Коалиционите партнери, СДСМ и ЛДП, за време на викендот договорија заеднички опозициски критики за владата и досега стореното, особено околу идниот концепт на управување. Лидерот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, на прес конференцијата денеска рече:

”Многу маркетинг и по некоја режирана седница на влада нема да го избрише фактот дека 40%, за жал, од наводните успеси на новата влада, се сеуште само незавршени ветувања. Не се доволни ниту политичкиот маркетинг, ни огласите, ниту спотовите да објаснат зошто дополнителни 40% од овие наводно завршени ветувања се завршени, но се завршени пред јули и пред почетокот на мандатот на оваа влада.”

Радмила Шеќеринска на овој начин индиректно одговори на вчерашната промоција на владиниот кабинет и премиерот Груевски, кој рече:

”Поминавме над 50-тина закони, поминавме голем број одлуки, поминавме голем број анализи, прашања, иницијативи – една иницијатива за промена на уставот и четири поврзани со економијата, иницијативи поврзани со политичкиот систем, така што оваа седница денеска ја посветуваме на тоа да видиме каде сме."

Според ДУИ, премиерот и власта ја саботираат примената на Бадинтеровото правило, етничката согласност и особено – некритичкото заменување на кадрите со отпуштање на веќе подготвените од претходната власт и вработување нови партиски истомисленици на владеачката ДПА. Потпретседателот на ДУИ, Теута Арифи, која ја критикува власта за масовни отпушања на претходно вработените кадри на нејзината партија во јавната администрација, вели:

”Се работи за комитетот за меѓуетнички односи. Цениме дека вредноста на тој комитет е целосно дерогирана, затоа што работи со преполовен состав и како таков е многу малку легитимен или воопшто не е легитимен за да носи заклучоци околу тоа кои закони треба да се носат според правилото на Бадентер, а кои не. ”

Но, наспроти ваквите критики на ДУИ, која го почна процесот на вработување на Албанците во јавниот сектор, актуелниот вице-премиер, Имер Селмани од ДПА, на отворената владина седница соопшти нова слика за вработување по етнички клуч:

”Во образованието имаме подобра ситуација, но имаме полоша ситуација во процентот во министерствата, во јавните претпријатија, болниците.”

Џентлменското примирје власт-опозиција завршува. СДСМ бара отчет на владата, кој треба да се направи во парламентот, а не со медиумска еуфорија, рече денеска пратеникот и екс-премиер, Владо Бучковски. Тој инсистира владата неделава да одговара на пратенички прашања. По трансферот на власта, последните анкети покажуваат дека премиерот Груевски има доверба од 25% од граѓаните, или десетпати повеќе од новиот лидер на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која има рејтинг од 2% (анкета на Институтот за демократија).