1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Опозицијата блокира владини објекти во Киев

Повеќе владини објекти во Киев се блокирани од страна на опозицијата. Безбедносните власти отворија истрага против опозицијата поради наводен обид за насилно соборување на власта.

По вчерашните (8.12) големи демонстрации на стотици илјади луѓе во Киев, украинската опозиција блокираше повеќе владни објекти во главниот град на Украина. Проевропските приврзаници на светскиот првак во бокс Витали Кличко блокираа улици и премини со прачки, големи шатори и приватни автомобили. „Ќе сториме се‘ за претседателот Јанукович конечно да ги слушне нашите барања“, изјави Кличко кој го посети плоштадот на независноста Мајдан заедно со својот брат Владимир.

По повикот упатен од страна на поранешниот украински министер за надворешни работи Арсени Јазењук за блокада на владиниот кварт во Киев, безбедносните власти отворија истрага против опозицијата за наводен обид за насилно уривање на владата. „Тоа е обид на Јанукович да приграби за себе уште поголема власт“, коментираше Јазењук, додавајќи дека власта му припаѓа на народот, а не на претседателот. Досега нема детали против кого точно е отворена истрага, но тајната служба на Украина СБУ нагласи дека обид за пуч може да се казни со затвор во траење од 5 до 10 години, пренесува агенцијата Интерфакс.

Соборен споменикот на Ленин

Стотици илјади луѓе вчера го следеа повикот на опозицијата за протести ширум земјата против про-руската политика на претседателот Јанукович. Во Киев во текот на протестите беше соборена статуа на рускиот револуционерен водач Ленин и на тоа место подоцна беше поставено знаме на ЕУ.

Ukraine Proteste

Соборена статуата на Ленин

Портпарол на полицијата соопшти дека маскирани лица го собориле споменикот, кој е на околу еден километар оддалеченост од плоштадот Мајдан.

Споменикот на Ленин висок 3,5 метри е поставен во 1946 година и околу него често има собири на украински комунисти. Ленин, меѓутоа, е омразена личност во националистичките кругови во Украина, кои го гледаат како симбол на потчинување на нивната земја во времето на Советскиот сојуз. Портпарол на украинскиот премиер Микола Азаров го критикуваше соборувањето на статуата, нарекувајќи го „варварство“, а се дистанцираа и опозиционите политичари, најверојатно од страв дека акцијата би можела да им наштети на нивните цели.

Бан повикува на дијалог, Ештон патува за Киев

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го повика украинскиот претседател Јанукович на дијалог со опозицијата.

Ukraine EU Protest in Kiew 08.12.2013

На демонстрациите во Киев вчера беа побарани предвремени парламентарни и претседателски избори

Во телефонски разговор со украинскиот претседател Бан изрази загриженост за состојбата во Украина и нагласи дека во судирите не смее да се употребува насилство.

Европската унија најави посредничка мисија во главниот град на Украина. Комисијата на ЕУ вчера (8.12) соопшти дека Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон наскоро ќе отпатува на разговори во Киев. Таа сака да помогне за наоѓање излез од политичката криза, се вели во Брисел.