1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Опозицијата бара одговорност за скандалот со пописот

Опозицијата во Македонија ја оцени како срамна одлуката да се прекине пописот на населението и да се распуштат сите ангажирани во неговото спроведување. Владата молчи, решенијата ќе се бараат на седница утре (12.10).

default

Пописот во Македонија е прекинат. Државната пописна комисија ноќеска поднесе колективна неотповиклива оставка заради ненадминливите разлики во толкувањето на методологијата на попишување, односно член 6 кој регулира кој се‘ може да биде попишан. По првичниот шок и молк во Скопје, попладнево почнаа да се дознаваат детали околу колективната оставка, која дознаваме, била едногласно усвоена.

Досегашниот заменик-претседател на ДПК Бујар Османи за Дојче Веле вели дека од државната пописната комисија, преку регионалните комисии па се‘ до попишувачите, било констатирано дека со актуелните разлики, пописот не може да даде релевантни податоци, па од тие причини сите членови на ДПК се согласиле дека е најдобро да и‘ предложат на владата да го прогласи пописот за прекинат.

Државниот врв засега молчи. Претседателот и премиерот присуствуваа на прославата по повод доделувањето на наградата 11 октомври во македонскиот парламент, но ги одбегнаа микрофоните. Премиерот Никола Груевски на минување само кусо најави дека ќе следи реакција од владата.

Следен чекор е македонскиот парламент да донесе измени и дополнувања на законот за попис, во кој ќе се утврди што понатаму. Дали ќе се оди на нов попис или ќе се донесе политичка одлука за пролонгирање на прекинатиот?

СДСМ-прекинот е голем срам

За опозициската СДСМ, прекинот на пописот е невиден срам и огромен скандал за државата. Попретседателката на партијата Ана Павловска Данева истакна дека СДСМ предупредил дека власта не е способна законски да ја спроведе оваа статистичка операција и побара одговорност од премиерот Груевски и од ВМРО-ДПМНЕ. Тие, како што кажа, заради пазарењата со Ахмети и ДУИ во ветер однесоа 14 милиони евра народни пари.

SDSM Gebäude in Mazedonien

Седиштето на СДСМ во Скопје


СДСМ бара од Груевски да не се крие и на јавноста да и објасни што точно се случува и кои се причините за овој скандал. Груевски да каже кој ќе ја понесе политичката, моралната и кривичната одговорност за несовесното работење, бараат од СДСМ.

Лидерот на ЛП, Ивон Величковски, вели дека Македонија друго и не можеше да очекува со ваква влада, која е единствено одговорна за нереализираниот попис.

Одговорноста за неуспехот на пописот на населението во Македонија лежи кај владините коалициски партнери, изјави генералниот секретар на Демократската партија на Албанците, Метин Изети на прес- конференција одржана денеска во партиското седиште во Тетово. Како неправилности, тој ги посочи отсуството на информирање и анимација на населението за пописот, спроведувањето на обуката на попишувачите само на македонски јазик, потоа, сериозните конфликти на попишувачките тимови помеѓу Албанците и Македонците, како и непопишувањето на луѓето кои немаат државјанство без нивна вина.

Пописот од самиот почеток беше обременет со недоразбирања на етничка основа, откако претставниците на албанската заедница да бидат попишани и сите нивни припадници кои се надвор од државата повеќе од една година.


За Џафери прекинот не е трагедија

Musa Dzaferi Vize Premierminister Mazedonien

Муса Џафери


Вицепремиерот за рамковен договор Муса Џафери, сепак, објасни дека владата својот став ќе го утврди на утрешната седница, кога ќе се усогласи ставот дали пописот и официјално да биде прогласен за прекинат или за одложен и за колку време ќе биде пролонгирањето.

Џафери најави дека доколку се оди на нов попис, тој нема да биде организиран за помалку од 6 месеци, но не знаеше да каже дали ќе се оди на нов попис или ќе се продолжи од онаму каде вчера беше прекинат.

Џафери не знаеше да каже ниту колку пари до сега се потрошени. За него не е голема трагедија ако пописот се пролонгира за 6 или 12 месеци туку е битно тој да биде добро организиран, „што сега не беше случај“.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Борис Георгиевски