1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Опозициски тест за власта на 11 Октомври

Опозициската СДСМ денеска во Прилеп ќе го започне „востанието“ против власта, а Обединети за Македонија од ноември се заканува со бунт. Аналитичарите велат дека кампањата нема да донесе некои драстични поместувања.

default

Бранко Црвенковски најавува офанзива потив власта

100 дена по масовниот собир во Скопје, СДСМ го напаѓа и Прилеп. Тоа е нов тест за опозицијата и Бранко Црвенковски чии рејтинзи не се покачуваат, иако популарноста на ВМРО-ДПМНЕ опаѓа видливо и во континуитет. Сепак соодносот Груевски наспроти Црвенковски е 2 спрема 1 како и соодносот ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ. „СДСМ има поголем интерес да ја одработи својата агенда надвор од Скопје, во внатрешноста, каде што е изворот на силата на владејачката партија“, вели директорот на Институтот за демоктратија Владимир Мисев.

Неговато последно истражување покажува над 50 отсто апатичност на електоратот, односно неопределените граѓани кои се’ уште не знаат за кого да гласаат и дали воопшто можат да изберат свој лидер. „Прашањето за името веќе е истрошено, на луѓето им останаа проблемите од секојдневниорт живот како економијата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата,“ смета Мисев.

Додека пак Петар Арсовски, експерт за политички маркетинг оценува: „Токму во таа смисла треба да се очекува дека опозицијата ќе влезе во континуирана кампања, имајќи предвид дека власта тоа го прави четири години. Таквите протести немаат директно влијание врз мислењето на неопределените гласачи, а токму тие го менуваат рејтингот. Во наредниот период треба да се очекува засилување на рејтингот на СДСМ и намалување на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ.“

Vladimir Misev

Владимир Мисев вели дека политичката реторика му штети на општеството

Штетна реторика на политичарите

Време е за промени, фронт за европска Македонија - се новите спотови на СДСМ. Медиумската конфронтација до пред една недела ги помина границите на естетика, со сурови слики од болни, умрени, несреќни, изнемоштени граѓани. Сличен одговор дава и ВМРО-ДПМНЕ. „Всушност ние сме пример за политичка комуникација која што допира до човечките судбини, допира до нешто што значи индивидуалност, лична судбина,“ вели Жанета Трајковска, директор на Македонскиот институт за медиуми.

Битката во спотовите сега е модерна верзија во графиконски предупредувања, со кои ВМРО-ДПМНЕ ги прикажува сопствените успеси од четири годишното владеење. По самитот на НАТО во ноември, СДСМ најавува востание, а партијата Обединети за Македонија- бунт против власта. „Вакавата реторика генерално му штети на граѓанското општество во Македонија, меѓутоа исто така и штети и на цела политичка сфера“, смета Владимир Мисев, а пак Петар Асовски вели: „не сум сигурен дали бунт или востание се вистински изрази, но сепак секоја опозиција се обидува да се постави наспроти власта и да го прибере народот на своја страна.“

Статус кво и кај Албанците

Мендух Тачи и неговата опозициска Демократската партија на Албанците се декларираа против власта.

Menduh Taci

ДПА на Мендух Тачи засега не успева да го загрози ДУИ

И наместо дијалог за стратегиските цели, опозицијата и власта влегуваат во нов „клинч“. „Со дијалогот којшто се води на нивото на политичките партии не може да се надокнади тоа што е неопходно, а тоа е дијалог за решавање на меѓуетничките проблеми во сферата на градење на заеднички ставови на пошироки општествени и државни прашања,“ рече за Дојче веле, Ибрахим Мехмети, аналитичар од невладиниот сектор.

Владината коалиција не покажува знаци на вознемиреност, се’ уште е убедена во стабилното водство и во високата предност на владејачката Демократска унија за интеграција и Ахмети во албанскиот електорат.

Автор: Александар Чомовски/ Владимир Калински

Редактор: Александра Трајковска