1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Опел и Карштат - “дома зготвена криза"

Кризата во двата германски концерна Опел и Карштат-Квеле не е последица на лошата стопанска ситуација, ниту пак неповолната економска клима во земјата, туку се должи на лошата политика на раководствата

Пет до дванаесет„ за Опел

"Пет до дванаесет„ за Опел

И авто-концернот Опел и синџирот стоковни куќи Карштат-Квеле претставуваат застрашувачки примери како може здраво претпријатие да се дотурка до раб на катастрофа со погрешни одлуки на менаџментот. Опел од средината на 80-тите години му припаѓа на Џенерал моторс Европа, фирма која требаше да посредува меѓу американското надредено претпријатие и германскиот Опел. Седиштето е во Цирих, што меѓутоа создаде само трет центар на моќ. Познавачите тврдат дека меѓу Детроит, Цирих и Риселсхајм беснее огорчена борба за моќ меѓу менаџерите, која на целото претпријатие му нанесе огромни штети.

Како најстрашна се смета погрешната проценка на германскиот авто пазар. Палетата нови модели воопшто не соодветствуваше со потребите на купувачите. При нивната изработка се штедеше на материјал, така што автомобилите набрзо стекнаа погубно лош углед на недоверливи.

Но, рибата како и секогаш смрди од главата: највисоките менаџери на Џенерал Моторс водат веќе меѓу себе борби на моќ и тоа со години на ред. Во седиштето во Детроит постојано се изработуваат нови и нови стратегии и тоа од шефови кои штотуку го завршиле документот, веќе се отпуштени. Не е ни чудо што на крајот од таквата тажна приказна, на европските погони им се закануваат огромни скусувања, што ќе ги чинат најмалку 12.000 работни места.

Во Карштат-Квеле, пак, инаку најголемиот синџир стоковни куќи во цела Европа, кризата се должи пред се на неконтролираниот пораст по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Поранешниот шефови на фирмата купуваат храбро нови и нови претприатија и тоа надвор од изворната бранша. Така на концернот одеднаш му припаѓаа германскиот спортски ТВ канал, голем број фитнес студија, па дури и еден американски кафе концерн. Наместо ваквото ширење по хоризонтала во соседни бизниси, Карштат требаше да си обезбеди филијали во странство. Така актуелната слаба побарувачка во Германија немаше да го погоди толку силно целото претпријатие. Сегашното раководство најави дека ќе се ослободи од сите споредни бизниси и дека ќе се концентрира повторно на изворниот – стоковните куќи.

Дали акциите за спасување на двата концерна доаѓаат на време или сепак предоцна – тоа за сега никој не може да го каже. Синдикалните организации огорчено се борат за секое работно место по најавите за масовни отпуштања и при тоа се сомневаат дека раководствата на концерните ја ползуваат актуелната криза за да го префрлат товарот врз работниците, откажувајќи ги склучените тарифни договори и намалувајќи ги платите на подолг рок.