1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ОПЕК ќе го надомести недостигот на нафта на пазарот

Светскиот пазар на нафта треба да биде стабилизиран; Европското стопанство во наредните 4 децении ќе мора да вложи гигантски инвестиции во борбата против промената на климата.

default

Светскиот пазар на нафта треба да биде стабилизиран и да се надомести недостатокот предизвикан од кризата во Либија. Покрај Саудиска Арабија, која веќе почна да го зголемува производството, и Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Нигерија до почетокот на април ќе го зголемат дневното производство на нафта за до 300 илјади барели, известува денеска (вторник, 08.03.2011) весникот „Фајненшел Тајмс“, повикувајќи се на претставници од таа бранша. Овие мерки треба да го запрат порастот на цената, која достигна до речиси 120 долари за барел (159 литри), што е највисоко ниво од 2008 година наваму.

Заштитата на климата ќе чини 10,8 билиони евра!

Европското стопанство во наредните 4 децении ќе мора да вложи гигантски инвестиции во борбата против промената на климата. Според пресметките на Комисијата на ЕУ, до 2050 година треба да се вложуваат по 270 милијарди евра годишно за намалување на емисиите на штетниот јаглероден диоксид. Парите ќе бидат наменети за престројување на индустријата, санирање на згради и за развој на автомобили кои ќе ја штитат климата.

Toyota Logo

„Тојота“ продаде преку 3 милиони хибридни возила

Јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ досега продаде во светот повеќе од 3,03 милиони автомобили на хибриден погон. Најголем придонес со околу 72 процента има моделот „приус“, првиот автомобил воопшто на хибриден погон, што влезе во сериско производство уште во 1997 година.

Нов стрес-тест за банките

Во новиот стрес-тест Европскиот надзор за банките (ЕБА) ќе симулира пад на стопанскиот пораст во евро-зоната од 0,5 проценти во ова и 0,2 насто во наредната година, како и слом на пазарот на недвижности, известува весникот „Ханделсблат“ во денешното (вторник, 08.03.2011) издание. Комисијата на ЕУ, инаку, за годинава прогнозира стопански пораст во земјите од евро-зоната од 1,6 проценти.

ММФ предупредува од стопанско „прегревање“ во земјите во забрзан подем

Стопанскиот пораст во земјите во забрзан подем, кој понекаде изнесува и преку седум проценти и кој му даде поттик и на целокупното светско стопанство, е толку силен, што веќе не е добар ни за самите тие земји, оцени Џон Липски, заменик-шеф на Меѓународниот монетарен фонд, во интервју за „Ројтерс инсајдер ТВ“. Последица е зголемената опасност од инфлација во тие земји.

Автор: Ролф Венкел/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска