1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Опасно живеење-македонските војници во Авганистан

Распоредени се на различни задачи, но последните години главно се грижат за безбедноста на Командата на мисијата ИСАФ, во базата „Ејчкју,“ во центарот на Кабул.

Опасноста се чувствува со самото стапнување на авганистанско тло. Кабул има некаде околу шест милиони жители и контрасти како никаде на друго место. Кабул е поделен по зони, а во „зелената“, што се простира на неколку квадратни километри во срцето на градот, се наоѓаат сите најзначајни објекти во земјата: министерства, амбасади, резиденцијата на претседателот Хамид Карзаи, палатите на најбогатите Авганистанци, а тука е и Командата на ИСАФ мисијата. Сето друго наоколу е супстандард, сивило, нечистотија и опасност. Иако навидум го има редовното градско пулсирање, возењето по главната авенија до базата е опасност само по себе затоа што се минува низ сообраќаен метеж, крај луѓе кои не гледаат благонаклонето кон армиски возила, а забележливо е и засилено присуство и контроли на авганистанската полиција. Ги има на секоја крстосница.

Afghanistan Mazedonische Soldaten ISAF

Македонските мировници во Кабул

Базата „Ејчкју“-најбезбедното место во Кабул

Командата на ИСАФ мисијата е најбезбедното место во Авганистан, без сомнение. Вистинска тврдина со сите потребни безбедносни позиции и особено процедури на влегување и излегување, на движење, на однесување. За нејзината безбедност веќе неколку години се грижат и се целосно одговорни токму македонските мировници, а за својата целодневна работа тие добиваат само пофалби. Војниците велат дека тензијата се чувствува, но не е опасно.

Максимален професионализам и знаење

Потполковникот Благоја Мијаковски, како најстар национален претставник во ИСАФ силите, ги координира активностите на сите 170 македонски мировници во оваа ротација. За Дојче веле тој објасни дека македонски војници има на пет локации: една армиска чета во главната команда во Кабул, а од штабен персонал-двајца се воени полицајци на аеродромот во Кабул, петчлен менторски тим има во Мазар ел Шариф, во кампот Менмана има шестчлен медицински персонал во рамки на норвешката полска болница, а во военото полициско школо во Дабс и Џулијан се ангажирани уште петмина офицери.

„Во досегашното извршување на задачите ангажираниот пероснал покажа максимален професионализам, знаење и работи рамо до рамо со останатите припадници, а тука учествуваат над 48 земји со свои припадници. Можам да кажам дека во ништо не се разликуваме од нив, во делот на нашата оспособеност, знање и решавање на поставените задачи. Моралот на ангажираниот персонал е на високо ниво за извршување на поставените задачи“, вели тој.

Leiden der Frauen in Afghanistan

Во Авганистан владее несигурност на секој чекор

Командантот на оваа 21-ва ротација македонски војници во ИСАФ, мајорот Муарем Муареми, вели дека тие имаат многу одговорна задача во базата „Ејчкју“ во Кабул.

„Нашата мисија е обезбедување на Главната команда на ИСАФ силите во Авганистан и патролирање во зоната на одговорност. Пред се‘, ова е многу одговорна задача. Ние најодговорно се однесуваме кон нашите задачи и убеден сум дека нашата мисија успешно ќе ја завршиме“, ни изјави Муареми.

Обезбедување и патроли

Водникот Кенан Незири за секојдневните обврски во базата вели:

„Мисијата и задачата е одговорна, ние секојдневно ги извршуваме задачите во Главната команда, во базата ’Ејчкју’ во Кабул. Овие три месеци најнормално течеа сите активности, немавме никаков проблем, иако работата е одговорна, се работи на влез и излез во базата, нашата армија уште една докажа дека нашите припадници стојат рамо до рамо со останатите војници“, вели Незири.

Сличен е ставот и на разводникот Мирче Јаковлевски .

„Конкретно работиме на обезбедување на базата и на патроли кои се изведуваат надвор од базата во зоната на обезбедување“.

Војниците во слободното време, што навистина им е малку, имаат можност да играат фудбал, одбојка, да вежбаат во теретана, да играат билијард или пинг понг, да гледаат филмови, да читаат, сурфаат... бидејќи сето ова им стои на располагање. Македонските мировници велат дека се неприкосновени во мал фудбал и пинг понг, бидејќи на неколку пати веќе ги освојуваат турнирите во базата. Куриозитет во оваа ротација војници е што имаат и музички оркестар, кој редовно вежба во еден контејнер, а досега имаат направено неколку веселби за родендени или раѓање на дете на некој од припадниците на контингентот. Во овие три месеци колку што се во Кабул, тројца војници добија принови во своите семејства.

Монитори со стекната доверба кај авганистанската армија

Дел од македонскиот контингент во мисијата ИСАФ е Оперативниот менторски тим и тим за врска во регионалната Команда север во градот Мазар ел Шариф. Петмина стратешини на АРМ се дел од поширок менторски тим од НАТО и ПЗМ, кои работат под германска команда на северот на Авганистан. Нивна задача е да ги менторираат секциите во штабот на Третата бригада на 209. корпус на авганистанската армија, да планираат и да учествуваат во операциите на Командата.

„Во секојдневното извршување на задачите се среќаваме со повеќе предизвици. Со оглед на тоа дека поголемиот дел на Авганистан е подрачје со висок ризик, би ја издвоил безбедносната ситуација како еден од најголемите предизвици. Културните разлики би ги издвоил како посебен предизвик за нас како ментори затоа што секојдневните задачи ги изведуваме директно со припадниците на авганистанската армија.Тоа значи дека треба да се има солидно познавање на нивната култура, традиција, обичаи, затоа што мора да се воспостави еден однос темелен на доверба, за да може да има ефект нашата работа на ментори која се состои од давање совети, предлози сугестии, размена на искуства“, вели мајорот Илија Дамчевски од ОМЛТ тимот во Мазар ел Шариф.

Аудио и видео прилози на оваа тема