1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Опасност од ескалација во Сирија

Западните земји се спротиставија на режимот во Сирија: за првпат САД и ЕУ го повикаа сирискиот претседател да ја предаде власта.Експертите меѓутоа очекуваат дека режимот на Асад ниту овој пат нема да реагира на повикот.

default

Со остри зборови Вашингтон и ЕУ побараа оставка од сирискиот претседател Башар ел Асад. Според мислењето на многумина набљудувачи, конфликтот во Сирија со тоа добива нова димезија. Имено, земји како Саудиска Арабија и Египет веќе го осудија режимот во Сирија.

„Зад најавите на САД и ЕУ се крие идејата да се обединат западните и регионалните сили во коалиција против режимот во Дамаск“, вели Фауез Гергес професор за политиката кон Блискиот Исток во Лондон, за телевизијата Ал Џезеира. Против Асад треба да бидат отворени сите невоени фронтови. Сепак, според експертите не треба да се очекуваат брзи успеси.

Американскиот претседател Барак Обама претходно објави дека веднаш стапува во сила целосна забрана за увоз на сириска нафта и нафтени производи. Имотот на сириската влада во САД ќе биде замрзнат. Американските државјани повеќе не смеат да тргуваат со режимот или да инвестираат во Сирија.

Развојот на настаните со особено внимание го следат Сиријците во егзил. Лубна Монир е во Јордан:

„Сирискиот народ крвари веќе пед месеци“, вели Монир. „Но, меѓународната заедница дури сега го воочи тоа. При бунтот против египетскиот претседател Мубарак, доволни беа две недели за светот да изврши притисок. Покрај се’ ги поздравуваме овие мерки и очекуваме повеќе од тоа.“

На обвинувањата со обвинувања

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека постои можност при систематските напади против цивилите во Сирија да се работи и за злосторства против човештвото. Би било оправдано, доколку меѓународниот кривичен суд ја испита состојбата. Од почетокот на протестите убиени се најмалку 2000 луѓе, повеќето при воздушните напади на војската или од истрели на снајперисти.

Режимот во Дамаск на жестоката реторика од Вашингтон и ЕУ одговори со обвинувања против Западот. Необично е, вели Рим Хадад од министерството за информации, што Обама и Западот се обидуваат натаму да го поттикнуваат насилството во Сирија, наместо да помогнат во спроведувањето на реформи. Претседателот Асад неодамна најави реформи, кои опозицијата ги оцени како празни ветувања.

Но, и меѓународниот притисок нема да донесе брзи успеси, оценува Фауез Гергес од Лондонската школа за економија и политички науки.

„Асад се бори да преживее. Она што најверојатно ќе доживееме е за жал ескалација. Режимот ќе се бори до крај. Тој е длабоко вкоренет во Сирија, има моќна база и поседува смртоносна воена машинерија.“

Автор: Јирген Стријак/Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM