1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Опасноста од натамошни атентати не смее да се потцени

Велика Британија и особено престолнината Лондон и денеска е во вонредна состојба. Силите за безбедност се во повишен степен на готовност, а Министерот за внатрешни работи Чарлс Кларк предупреди од евентуални нови бомбашки напади.

Нервите се истенчени, а сликите на страв и загрозеност и понатаму многу присутни

Нервите се истенчени, а сликите на страв и загрозеност и понатаму многу присутни

Станицата Јустон во самиот центар на Лондон и целото подрачје околу неа беше итно блокирана, а сите патници и минувачи евакуирани, кога утринава била забележана патна торба оставена на перонот. Експертите на Скотланд јард се на теренот и се обидуваат да проверат дали се заканува реална опасност или пак станува збор за случајно заборавена торба. Нервите како кај службениците на полицијата, така и кај обичните граѓани се очигледно на до крај. Сеќавањата на крвавите тела и замачканите лица што излегуваа од подземната железница се се‘ уште многу живи:

„Секако дека чувството е многу лошо да се влезе во подземната железница, ама што да правиме...„ - велат две млади жени кои и покрај стравот сепак мораат со метрото да одат на работа.

Еден Лондончанец, меѓутоа, вчера беше толку блиску до едно од местата на експлозијата, што не му паѓа на памет да го користи јавниот превоз, туку тргнал пешки на работа и тоа цел еден час:

„Тоа беше најстрашниот звук, што кога и да е сум го чул, тоа беше многу гласен тресок!„

За разлика од него, многумина денеска го послушаа советот на Јавното претпријатие и останаа дома за да не се создаде сообраќаен хаос. Од вкупно 12 линии на метрото денеска нормално функционираат само 7, три погодени од бомбашките напади само делумно, а две се потполно исклучени. Наместо подземната железница Јавното претпријатие стави на располагање поголем број автобуси, но апелира до патниците на зголемена будност.

И додека за некои работниот ден претпладнево допрва почнува, други утринава токму завршуваа. Лекарите и спасувачките екипи минаа многу напорна ноќ згрижувајќи стотици повредени:

„Тоа беше како сите можни повреди од изминатите шест месеци да се собрале во неколку часа. Тука имаше се‘ можно, од полесни повреди, па до навистина страшни, какви што не сум видел одамна.„

И експертите на полицијата беа цела ноќ на дежурство, обидувајќи се да најдат какви такви траги што ќе водат кон сторителите или организаторите на бомбашките напади. За сега меѓутоа уште нема јасни докази ни дали станувало збор за самоубиствени атентати или пак за поставени експлозивни направи. Експертите сепак проценуваат дека нападите најверојатно биле извршени со темпирани бомби. Во секој случај се препознава стилот на Ал Каеда, смета и Марк Томсон:

„Немаше никакви предупредувања, нападите беа извршени врз т.н. меки цели, значи незаштитени цивили и експлозиите беа временски речиси истовремени„ – појаснува овој британски експерт за тероризам и посочува истовремено и на писмото објавено во интернет, со кое една непозната група од милијето на Ал Каеда ја презема одговорноста за нападот.