Опасната желба на Ердоган за апсолутна власт | Свет | DW | 17.06.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Опасната желба на Ердоган за апсолутна власт

Безобѕирната употреба на сила е невидена во 90-годишната историја на Турската Република. Ердоган го пропушти мигот за враќање кон разум и деескалација, коментира Баха Гингер.

Ердоган се одлучи за конфронтација со политичките противници и е против искрен дијалог, кој би можел да доведе до смирување на ситуацијата и мир во земјата, членка на НАТО - Турција. Бруталните постапки на турската полиција во ноќта меѓу саботата и неделата во паркот Гези и на главниот истанбулски плоштад Таксим против мирните демонстранти, кои престојуваа под шатори во кампот, против еколошките активисти и цивилните организации, моментно е кулминација на политика која одразува опасна желба кон се‘моќ. Безобѕирната употреба на сила и против жени, деца и постари луѓе е беспримерна во 90-годишната историја на Турската Република.

На Ердоган му недостига темелно разбирање на демократските принципи. Тој и го докажа тоа на викендот, кога собра приврзеници на својата религиозно-конзервативна партија АКП, која во Турција владее со апсолутно мнозинство. Неговите следбеници во Истанбул и во Анкара, помогнати со сите средства на градските власти, беа транспортирани на местото на одржување на митингот. Истовремено, неговата полиција спречи демонстрации на противниците, растерувајќи ги со солзавец и водени топови, со вода делумно „збогатена“ со хемикалии.

Baha Güngör DW Türkische Redaktion

Баха Гингер

Дали режимот го почитува меѓународното право?

Сепак, се‘ повеќе луѓе се приклучуваат кон протестите. Притоа, тие се подготвени да го ризикуваат и животот, што покажува дека во турското општество, кое инаку е безнадежно исполитизирано и поделено, протестното движење против Ердоган не ја загуби ни храброста, ни одлучноста да се спротистави на дикатот на АКП. Интервенцијата на полицијата, која со солзавец ги нападна дури и хотелите и болниците во кои беа сместени повредените демонстранти, моментно го подгрева сомнението: дали режимот воопшто го почитува меѓународното право? Ердоган е заслепен од бесот кон партиите и групите со поинакво мислење. Во парламентот своите политички противници тој ги нарече „терористи“, што докажува целосно немање почит кон демократско политичко соочување со политичките противници. Весниците, радијата и телевизиите кои не може да ги контролира, Ердоган ги забранува со посредство на одлуките на Националниот совет за медиуми или ги заплашува со огромни парични казни. Тој, се разбира, не може да го контролира известувањето на меѓународните медиуми, затоа и ги обвинува оти се платеници кои од странство ги поддржуваат противниците на просперитетот на Турција.

Загрозена е мирната коегзистенција на исламот и демократијата

Притоа, Ердоган всушност нема ни една причина за такво залетување: стопанството е успешно, исто како и туризмот, а улогата на Турција на силен регионален играч ветуваше полна поддршка од странство. Меѓутоа, сега е загрозен мирниот соживот на исламот и демократијата врз база на лаицизмот како стриктно одделување на државата од религијата. Ердоган не ја достигна величината на меѓународно почитуван и демократски беспрекорно легитимиран државник, го загуби трпението и нервите очекувајќи на следните избори да го повтори фантастичниот резултат од 2011 година, кога освои 50 проценти од гласовите. Него го изреволтираа критиките на неговиот однос кон неистомислениците и медиумите кои се слушнаа во земјата, но и во странство.

Европа мора да ја зачува можноста за влијание

Она што сега во ниеден случај не смее да се случи е прекин на пристапните преговори со ЕУ. Унијата, а пред се‘ Германија, не би смееле да ризикуваат забивање нож во грбот на демократското движење во Турција. Европа мора да остави отворена можност за влијание на настаните во Турција. Имено, скоро смирување на ситуацијата не е на повидок. Главната одговорност за таквиот развој на настаните ја сноси Ердоган, кој одби искрен дијалог со политичките противници и критичарите од цивилното општество.