1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Опасен удар врз медиумските слободи

Многу германски весници ги коментираат информациите дека британската тајна служба го принудила лондонскиот весник „Гардијан“ да ги уништи податоците за шпионирањето на американската НСА, добиени од Едвард Сноуден.

Весникот „Зидојче цајтунг“ во својот остар коментар го критикува и главниот уредник на Гардијан, Алан Расбриџер:

„Расбриџер дозволи влегување на агентите без судски налог и без големи закани во зградата на еден весник. И тој им го овозможи она на што го принудуваа агентите, а што новинарите би требало да го спречат- уништување на податоци. Тоа „Гардијан“ го поштеди од судски процес и можна парична казна и ништо повеќе. ’Гардијан’ односно чуварот, пред се' ги штитеше своите банковни сметки. Акцијата, која ја одобри Расбриџер, е тежок удар за слободата на печатот. Таа ќе му наштети на угледот на ’Гардијан’, можеби и на целата бранша. Не може секоја редакција да си дозволи тајните материјали да ги складира надвор од земјата и да вработува репортери ширум светот. Слободата на печатот мора да биде одбранета таму каде што е загрозена. Во овој случај тоа беше во Велика Британија, и тоа во подрумот на ’Гардијан“’.

„Дер ное таг“ коментира со доза на хумор:

„Ретко можеме вака да се насмееме! Тоа дека еден водечки медиум во земјата, со дописничка мрежа низ целиот свет, своите бризантни документи ги чува само во издавачката куќа ниту една власт не може да го смета за сериозно. Акцијата спроведена во ’Гардијан’ и повеќечасовното шиканирање на животниот партнер на еден дописник на ’Гардијан’ на аеродромот Хитроу не може да има никаква друга цел освен заплашување.“



„Нордвест цајтунг“ пишува за еден друг аспект:

„Агентите на тајната служба го посетија дневниот весник и побараа од издавачот да уништи тајни материјали. Да се случеше сето ова во Русија или во Кина, никој не би се зачудил. Но дека тоа се случи токму во Велика Британија, каде критички настроеното (понекогаш и цинично) новинарство има долга традиција, е скандалозно.“

Коментаторот на „Минхенер меркур“ гледа на сличен начин:

„Токму владата на Велика Британија, која премногу покажува со прст на недемократските режими сега се обидува да ја ограничи слободата на печатот. Со кое право мислат Обама и Камерон да бараат човекови права и слобода во Кина, Русија и во Северна Кореја кога тие исти права, тие ги газат под нозе во сопствената куќа“, се прашува „Минхенер меркур“.

„Можно е тајните служби и на британскиот полуостров да излегле од контрола“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и заклучува цинично: „Во земјата на Џејмс Бонд или владеат кубански односи или е во игра премногу вотка-мартини.“