1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Опасен покер на Обама и Карзаи со иднината на Авганистан

Нарушените односи меѓу владите на САД и Авганистан го доведуваат во прашање не само престојот на американските трупи, туку и иднината на земјата. Не е во ничиј интерес доколку не се постигне договор.

Играта е ризична, а влоговите не можат да бидат поголеми. Авганистан е пред опасност да загуби милијарди долари во воена и економска помош, а САД ризикуваат да ја остават земјата во целосен хаос откако минаа 12 години и оставија 2.300 животи во обид да постигнат одржлива стабилност.

Но, последниве месеци, односите меѓу САД и Авганистан, кои постепено се влошуваат откако претседател е Барак Обама, навлегоа во опасна игра со оган поради предложениот билатерален безбедносен договор (БСА), со кој треба да се дефинираат условите на меѓусебното партнерство во следните 10 години. Разговорите запнаа во понеделникот, за време на посетата на американскиот советник за национална безбедност Сузан Рајс на Кабул, кога авганистанскиот претседател Хамид Карзаи одби да го потпише договорот, а со тоа одлучи да им пркоси не само на САД, туку и на племенските старешини од Лоја Џирга, кои дадоа согласност за договорот. Рајс најави дека доколку Карзаи не го потпише договорот до 31 декември, САД ќе немаат друг избор освен да ја стават во сила „нултата опција“- целосно повлекување на воените сили по 2014 година.

Голем ризик за мала добивка

„Тој изигрува херој и се надева дека Американците ќе попуштат пред него“, вели Стефан Бидл, аналитичар за одбранбена политика во американскиот Совет за надворешни односи. „Проблемот во оваа игра е што доколку претерате и двајцата играчи можат да загинат. Ризикувате да загубите сѐ за да добиете малку повеќе. Целосното американско повлекување не е во интерес ниту на Авганистан, ниту на САД, или НАТО“, вели Бидл.

„За повеќето Авганистанци најголем проблем е несигурноста, а ова само ја зголемува“, вели Мајкл Китинг од британскиот тинк-тенк Чатам Хаус. „Доколку од некоја причина БСА не се потпише, политичката поддршка во Вашингтон за субвенционирање на авганистанската држава ќе биде намалена. Буџетот на Авганистан во 90 проценти е зависен од странски донации“, вели Китинг.

Се чини дека Карзаи се обидува да го одложи потпишувањето на договорот до април следната година, за кога се закажани претседателски избори во земјата. На тој начин БСА договорот би можел да стане главна тема во кампањата. „Изборите се целосна непознаница. Карзаи се обидува да ги зајакне маргиналните политички актери кои се залагаат за побрзо повлекување на САД, за да се пазари за влијание со посилните политичари. Доколку американското присуство остане отворено прашање до април, не е тешко да се претпостави дека некои маргиналци ќе се обидат да ги уценуваат политичарите, кои се залагаат за останување на САД, со тоа прашање“.

Условите на Лоја Џирга

Препораката на Лоја Џирга до Карзаи да го потпише договорот беше само една од вкупно 31 препораки за кои племенските старешини очекуваат да бидат приклучени кон договорот. Авганистанците бараат во иднина да можат да

Afghanistan Kabul Loja Dschirga

Лоја Џирга

присуствуваат на американските воени судења, забрана за христијански верски обреди во базите на САД, забрана за упади во приватни домови и ослободување на сите преостанати затвореници од воениот затвор во Гвантанамо.

„Овие барања се легитимни. Но не мислам дека тоа се клучни проблеми“, смета Бидл. Се множат шпекулациите дека одложувањето на договорот не е само за да се добијат повеќе концесии. „Дел од проблемот е што тој го одржува Карзаи како релевантен фактор. Тој знае дека е ставен на отстрел, а еден од начините да го задржи влијанието е да го држи договорот отворен. Веројатно сака и некој друг да биде одговорен за обезбедувањето на долгорочното присуство на САД во земјата“.

Во последното интервју дадено за Радио Слободна Европа се добива впечаток дека Карзаи го омекнува ставот во однос на условите кон САД. Тој вели дека ќе го потпише договорот доколку САД се согласат да престанат да вршат воени рации во приватни домови и да ги рестартираат мировните преговори. Но, и покрај тоа, Карзаи се‘ уште одбива да го потпише договорот пред крајниот рок.