1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН ја усвоија ублажената резолуција за Косово

Генералното собрание на ОН на синоќешната седница (09.09.2010) ја донесе резолуцијата за Косово, која Србија претходно ја усогласи со ЕУ. Со неа би требало да се отвори патот за нов дијалог меѓу Белград и Приштина.

default

Белград и Приштина треба да водат дијалог

Гласањето за текстот на резолуцијата доцнеше ноќеска повеќе часови. Причина беше отпорот на српската делегација против присуството на претседателот на Косово, Фатмир Сејдиу и на министерот за надворешни работи Скендер Хисени на трибината за посетители во големата сала на ОН во Њујорк.

Клучен е дијалогот на двете страни

Откако беа надминати овие потешкотии, предлог-резолуцијата, што ја поднесе српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, беше усвоена со акламација. Станува збор за ревидираната предлог-резолуција, што српската страна ја прифати под притисок на ЕУ и САД. Така, во новата верзија не стои повеќе осуда на отцепувањето на Косово од Србија, ниту пак барањето за повторно отворање на преговори околу статусот на Косово. Наместо тоа новиот документ, што синоќа го усвои Генералното собрание на ОН, предлага „дијалог меѓу страните“. „Процесот на дијалог веќе по себе би бил важен фактор за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот“, се вели во усвоениот текст. Дијалогот, според него, треба да му послужи на патот кон Европската Унија.

Das UN-Gebäude in New York mit Flaggen

Зградата на ОН во Њујорк

Делегатите на Генералното собрание на ОН на синоќешната седница го поздравија настојувањето на ЕУ да го олесни дијалогот меѓу страните во конфликтот. Цел на разговорите мора да биде поттикнување на меѓусебната соработка и подобрување на животните услови и стандардот на населението на Србија и на Косово.

Позитивни реакции

Новиот текст на српската резолуција наиде на добар прием во Приштина. Косовската влада порача дека тој и’ соодветствува на реалноста на Косово. И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле смета дека станува збор за добар развој. Новиот текст на резолуцијата, според него, отвора простор за директни преговори. „Ги повикувам сите под итно да ги почнат овие преговори под покровителство на пратеникот на ЕУ и да ги водат во насока што ќе донесе конкретни резултати за населението“, порача Вестервеле во Берлин.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска