1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН усвоија резолуција за Сирија

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за Сирија, според која мора да биде уништено сето хемиско оружје. Претходно согласност даде и организацијата за контрола на хемиско оружје на ОН.

Највисокото тело на ОН, двеипол години од почетокот на граѓанската војна во Сирија, за првпат усвои резолуција за овој конфликт. Во текот на ноќта Советот за безбедност на ОН во Њујорк одлучи дека владата во Дамаск мора да го предаде целото хемиско оружје и тоа да биде уништено. Резолуцијата е усвоена едногласно.

Резолуцијата не содржи автоматски санкции според Поглавјето 7 од Повелбата на ОН, доколку владата на претседателот Башар ел Асад, наспроти ветеното, не соработува. За ова претходно согласност постигнаа Русија и САД. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Му оцени дека документот е „историска резолуција“. Тој истовремено најави дека конференцијата за иднината на Сирија ќе се одржи на средината на ноември во Женева. На конференцијта се очекува да учествуваат сирискиот режим, но и бунтовниците.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по гласањето ја пофали резолуцијата на ОН. Таа го трасирала патот за политичко решение на конфликтот во Сирија. Американскиот државен секретар Џон Кери му се закани на режиот на Асад, во случај да не ја спроведува резолуцијата: „Доколку режимот не делува, ќе има консекевенции“, рече Кери и подвлече дека во таков случај во нова резолуција ќе биде вкулучено и Поглавјето 7 од Повелбата на ОН.

Кратко пред гласањето во Советот за безбедност Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) даде согласност за резолуцијата. Планот предвидува инспектори на оваа организација во вторник да започнат со работа во Сирија. До средината на идната година би требало да биде уништен целиот арсенал на хемиско оружје на Сирија.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле им понуди на ОН германска поддршка при уништувањето на хемиското оружје во Сирија. Германија има големо искуство, рече министерот на средба со генералниот секретар Бан Ки Мун на маргините на Генералното собрание во Њујорк.