1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН: Темелни и продуктивни разговори со Дамаск за хемиското оружје

Делегацијата на ОН и сириските власти се договорија да ја продолжат истрагата за употребата на хемиско оружје во судирите во Сирија.

Во кратката изјава од ОН стои дека двајца специјални пратеници од ОН престојувале во вторникот и средата во Дамаск и имале разговори со заменик-премиерот и министерот за надворешни работи.

„Разговорите беа темелни и продуктивни и доведоа до договор за идните чекори“, стои во изјавата, без да се дадат конкретни детали. Во соопштението не се прецизира дали се работи за продолжување на преговорите или за почеток на истрага, односно за дозвола на инспекторите од ОН да им биде овозможен пристап на терен.

Генералниот секретар на ОН побара широка истрага за обвинувањата дека во 28-месечниот сириски конфликт се користи и хемиско оружје. Сирија досега инсистираше ОН да испираат дали опозициските бунтовници користеле хемиско оружје во нападите на 19 март во градот Кан ал-Асал.

ОН информираат дека добиле извештаи за 13 напади со употреба на хемиско оружје во овој конфликт. Според Британија, Франција и САД сите овие напади биле спроведени од страна на воените сили на претседателот Башар ал-Асад. Русија, главниот сојузник на режимот на Асад, вели дека нејзината истрага покажала оти опозициските бунтовници користеле гас сарин во нападот во Кан ал-Асал.

Сириска бомба повторно уби човек во Турција

Еден човек е убиен, а неговите три деца се повредени во југоисточна Турција од граната која паднала од сириска територија. Човекот загинал кога гранатата паднала во неговата градина во местото Чејланпинар, кое се наоѓа наспроти сирискиот град Рас ал-Аин, во кој изминатите денови се водат борби, пренесува весникот „Хуриет“. Со најновиот инцидент, бројот на загинати на турска територија се искачи на три лица. Прекуграничните инциденти се резултат на судирот меѓу бунтовниците од Сириската слободна армија и курдските борци, лојални на Партијата за демократско единство, која е сириски огранок на Курдската работничка партија.